Во Музејот на град Скопје на 05 септември 2018 година во 21 часот ќе биде отворена изложбата „Долго патување во ноќта“ на Владимир Бороевиќ и ќе биде промовирана монографијата „4 приказни видувања“ за неговото творештво чии автори се Емил Алексиев, Соња Абаџиева, Оливера Ќорвезироска и Лазо Плавевски, при што свое обраќање ќе има Славко Нинов.
Владимир Бороевиќ е мултидисциплинарен уметник, сликар, поет, писател, дизајнер и карикатурист. Тој е еден од значајните македонски уметници чие вкупно творештво и творечки опус не се до сега интегрално презентирани.
Бороевиќ има оставено своја препознатлива и неизбришлива трага во македонската ликовна уметност, менувајки ги, често, стиловите и насоките на својот творечки пат и исчекорувајки надвор од поставените граници. Од иклучително значење за историјата на македонската современа уметност е неговиот придонес во развитокот на карикатурата и нејзиното издигање на рамниште на легитимна ликовна уметност, како и неговиот исклучителен придонес кон развитокот на македонскиот дизајн и применета уметност. Еднаков продонес во историјата на македонската современа уметност има неговот сликарство. Тој е и автор на една значајна стихозбирка и на еден роман (во печат).
Владимир Бороевиќ е роден во Скопје, 1947 година. Во 1971 дипломирал на Педагошката Академија во Скопје во класата на професорот Спасе Куновски. Карикатури објавува од 1968, во “Остен”, “Нова Македонија”, “Екран”, Вечер”, “Пардон” (Франкфурт), “Јеж” (Белград), “Сатирикон” (Белград), “Нин” (Белград) и тн.
Во периодот од 1972 до 1975 работи како карикатурист и графички уредник во хумористично – сатиричниот весник “Остен”. Неговите натамошни професионални активности се упатени кон Студиото за цртан и анимиран филм (при Вардар филм во Скопје, како сценограф, во периодот 1974 до 84) и дизајнот (како раководител на Студиото за дизајн и пропаганда во “Јака 80”, Радовиш од 1984 до 1995).
Член е на Здружението на карикатуристи на Македонија, на Здружението на филмските работници на Македонија, на ДЛУМ, на ДЛУПУМ и на Американскиот биографски институт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.