| четврток, 6 декември 2018 |

Матеја Матевски одликуван со златен медал од претседателката на Косово, Арифете Јахјага

На македонскиот академик со албанско потекло, Матеја Матевски, вчера му бил врачен златен медал, со кој го одликува косовската претседателка Атифете Јахјага, јави агенцијата ИНА, пишува „Дневник“. Церемонијата на врачувањето на одликувањето била организирана во МАНУ во Скопје, при што одликувањето на Матевски му го врачил косовскиот амбасадор Илбер Хиса.

– Признанието на академик Матевски е признание за неговиот значаен придонес во културата во Косово, како што рече и тој, во албански говорниот свет, со кој имал интензивна комуникација, со нашите поети, од Али Подриња до Фаредин Гунга, како и со луѓето од театарот и од новинарството. Ние на овој начин сакавме да потврдиме дека ваквите примери се мост на поврзување меѓу културите и народите. Посебно задоволство е да го посетуваме и да го наградуваме академикот што ги зборува сите овие убави јазици на Балканот – рекол амбасадорот Хиса, пренесува електронското издание на весникот „Коха“.

Матевски, според истиот извор, неколку пати на Хиса му се обратил со неколу зборови на албански. Тој накратко се обратил на албански и пред новинарите.

– Мене многу ми е жал што не можам да се обратам на албански бидејќи мојот албански е дијалект и е подзаборавен. Не сум живеел во Река, пораснав во Гостивар и во Скопје, куќата на родителите е во Река, но моите патишта ме однеле во други правци, како писател и како новинар – изјавил Матевски.

„Академик Матевски пред неколку години јавно се произнесе дека по потекло е православен Албанец, но не ги наведе причините зошто порано не го кажал неговото чисто албанско потекло. Тој е еден од најпознатите поети, литературни и театарски критичари, есеист и преведувач на македонска литература. Тој од 2001 до 2004 година беше претседател на МАНУ“, стои во написот на ИНА.

Деновиве локалната власт на Дебар на Бранко Маноиловски, православен Албанец, од селото Киченица, област Горна Река, општина Маврово-Росуше, му додели признание, со образложение за посебен придонес за прашањето и достоинствениот став за афирмација на православните Албанци во Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top