Шампионот на Франција има лето за паметење во кое гигантите ширум Европа им разграбаа скоро половина тим, а тие заработија неверојатни 300 милиони евра. Монако овој трансфер период значително го промени својот тим, а останаа буквално без половина од првиот тим.
Од ѕвездите прв си замина Бернардо Силва кој беше продаден за 50 милиони евра на Манчестер Сити, потоа клубот го напушти Бакајоко за ког Челси плати 45 милиони евра. Манчестер Сити им купи уште еден играч, левиот бек Бенџамин Менди за кого искешира 57 милиони евра, а вчера беше потврден и трансферот на Килијан Мбапе во ПСЖ кој е вреден 180 милиони евра, зделката која заради Финансискиот фер плеј се води како позајмица.
Клубот исто така продаде и неколку играчи кои не беа стандарни првотимци – напаѓачот Жермен заврши во Марсеј за 8 милиони евра, Аби Диало во Маинц за 5 милиони евра, Дирар во Фенербахче за 3,5 милиони евра, а Корентин Жаен замина во Тулуз за приближна сума. Се на се, Монако летово инкасираше околу 350 милиони евра, а потроши само 65, со што забележаа неверојатен профит од скоро 300 мил. евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.