| четврток, 6 декември 2018 |

За да ја вратиме државата на вистинскиот колосек, треба да ја урнеме Владата на СДСМ

Јавноста го запозна како колмнист и аналитичар, а партијата на која ѝ припаѓа му ја довери задачата како член на ИК да внесе нова сила и да помогне ВМРО-ДПМНЕ да остари уште една голема изборна победа. Никола Србов верува дека до општествениот напредок можеме да стигнеме само преку слободата за надградување на поединецот и солидарноста кон послабите. Напредно општество со среќни граѓани е причината заради која ја избрал ВМРО-ДПМНЕ

 

Кој е Никола Србов и зошто ВМРО-ДПМНЕ?

СРБОВ: По образование сум магистaр по историски науки, магистрирав на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што ги завршив и додиплмоските студии на Институтот за историја. Моментално сум на втори постдипломски студии на политички науки, мислам дека овие две научни дисциплини се идеална симбиоза за да се разбере минатото и да се проектира иднината. За време на додипломските и постдипломските студии земав учествуво на бројни политички школи и обуки.

Поривот да го изберам токму ВМРО ДПМНЕ, покрај личната идеолошка определба, кај мене произлегува и од минатото на мојата фамилија. Мојот дедо, чие име го носам, во 1946 година, на осумнаесетгодишна возраст бил уапсен од комунистичките власти и осуден на затворска казна заради учество во ВМРО, организација која се бунтувала против нововоспоставениот брутален комунистички режим и се залагала за тесна соработка на Македонија со западниот демократски свет. Изминатите 13 години сум активно вклучен во сите активности на партијата, ги поминав речиси сите скалила во ВМРО-ДПМНЕ, на што сум посебно горд, почнувајќи од работата во Унијата на млади сили, активноста во мојот месен комитет, преку работата во општинскиот комитет, во републичките комисии, итн., искачувајќи ги сите скалила, сега сум член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и заменик-претседател на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, што претставува огромна чест, обврска и одговорност.

ВМРО-ДПМНЕ својата сила ја црпи од индивидуалниот квалитет кај своите кадри кои имаат чувство на припадност кон партијата. Секој поединец е лидер во својата област, додека тимот го води еден лидер за кој сите сме согласни дека тој треба да го води целиот тим. ВМРО-ДПМНЕ е конзервативна партија, а самиот конзервативизам се гади од колективизмот во кој квалитетот на поединецот е задушен од мрзливата и неодговорна толпа во колективот. Наспроти нашите политички опоненти, кои ја убиваат солидарноста преку лажната еднаквост на начин со кој се уништува секоја желба за напредок и надградување на поединецот и општеството, ние веруваме дека до општествениот напредок можеме да стигнеме само преку слободата за надградување на поединецот и солидарноста кон послабите. На тој начин добиваме квалитетни поединци кои го водат општеството напред и кои се солидаризираат со послабите, со оние на кои им е потребна помош и поттик. Тоа е свесно и совесно постигнување на еднаквост, а не диктирано и лицемерно. Напредно општество со среќни граѓани, токму заради тоа го одбрав ВМРО ДПМНЕ, бидејќи се цени квалитетот на поединецот.

Како магистер по историски науки и постидпломец на политички науки, што мислите за политиката која ја води СДСМ со соседните држави и брзото затворање на отворените прашања?

СРБОВ: Заев и новата Влада неколку пати го спомнаа терминот „прагматичност“. Тука треба да разграничиме две насоки и ќе ја имаме јасната слика пред нас за двете политички опции во Република Македонија. Прагматичност е да се стигне до целта по секоја цена, тоа е според мене најисправната политика кога станува збор за државата, но прашањето е која е целта. Доколку целта е одреден круг на политичари да се допаднат некому со цел непречено да владеат и до таа цел итаат жртвувајќи ја државата и интересите на граѓаниите, тогаш ја имате комплетната слика за политиката на СДСМ. Доколку целта е опстојување на државата и нејзино придвижување напред во сите сфери по секоја цена, тогаш ја имате сликата за политиката на ВМРО ДПМНЕ.

Новата Влада предводена од Заев се однесува како никој да не постоел пред нив, како никој досега да не се занимавал со прашањата кои ја обременуваат Македонија и целиот Балкан, тоа е типичен квазилевичарски став кај ваквите политичари кои забораваат дека секое прашање има свој корен и причинско последични врски. Ваквата политика би предизвикала турбуленции на целиот Балкан, неодговорно е од еден политичар да го втурнува целиот регион, и сопствената држава, во некаква разврска за која мислам дека ни тој самиот, ниту неговите соработници, не се свесни какви последици може да остават. Јавноста е свесна дека ВМРО ДПМНЕ предводена од Никола Груевски во изминатите години можеше да ја спроведе истава политика, но постои нешто што се вика одговорност, принцип и грижа за националните и државните интереси.

Суверенитетот на Република Македонија и нејзините граѓани треба да биде врвниот приоритет на сите политичари и истиот не значи загрозување на суверенитетот на било која друга држава. Подеднакво, суверенитетот и надградувањето на друга нација не го разбирам како загрозување на македонската нација. Кај Заев гледам отсуство на грижа како неговото име и името на неговата партија ќе биде запишано во историјата, некои помудри од нас кажале – добар политичар е оној политичар кој го засега како ќе биде запишан во историјата. Како ќе биде запишан зависи од тоа „каква држава ќе им оставиме на идните генерации?“.

Вие сте млад човек, што ќе им понуди ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните и што е она што треба да ги мотивира да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ?

СРБОВ: Првенствено, ВМРО-ДПМНЕ е првата и единствената политичка партија која стои цврсто и принципииелно зад определбата за евроатлантските интеграции на Македонија. Притоа, она што не разликува нас од политиката на СДСМ е принципиелноста и зачувувањето на достоинството на нашите граѓани. ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто на земја, на истата земја на која стоеле нашите предци работејќи за Македонија, токму заради ова ние веруваме во еволутивниот развој на општеството кое ќе има цврст и длабок корен. Наспроти нашето убедување стои опција која нуди авантури, брзи и непроверени решенија, кои можеби звучат романтичарски но не носат перспектива на подолг временски период.

ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните им нуди сигурност, стабилност, економски развој и просперитет. Граѓаните знаат дека она што сме го ветиле, а произлегува од нивните реални потреби, е веќе реализирано, за тоа говори бројката од 10.359 реализирани проекти во општините каде градоначалниците доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Исто како и досега, овие проекти се запишани во нашиот отчет кој граќаните имаат можност да го прочитаат, и понатаму отчетноста останува наша одлика.

Кои ќе бидат новите насоки по кои ќе се движи партијата во иднина?

СРБОВ: Изминатите 3 години, како никогаш досега, од воведувањето на плурализмот, ВМРО-ДПМНЕ се соочи со жесток удар во кој беше применета нековенционална и неетичка тактика со цел по секоја цена да се урне угледот на партијата. Нашиот политички опонент, кој на моменти наликуваше на воен непријател, имаше зацртано три точки по кои удираше врз ВМРО-ДПМНЕ преку создавање на лажна перцепција за партијата и раководството. Првата точка предвидуваше оцрнување на раководството на ВМРО ДПМНЕ пред своите гласачи преку црна кампања, со цел да се разгради партијата одвнатре. Втората точка предвидуваше ВМРО ДПМНЕ да се претстави како црн ѓавол пред останатите етнички заедници во Р. Македонија за што СДСМ без никаков аргумент говореше за наводна омраза која постои кај ВМРО ДПМНЕ кон етничките заедници, посебно кон албанската. И третата точка предвидуваше ВМРО ДПМНЕ да се претстави пред меѓународната заедница како ретроградна партија која работи спротивно од интегрирањето на Р. Македонија во евроатлантските организации.

Но тоа е веќе минато, во наредниот период ВМРО ДПМНЕ ќе ги скрши сите стереотипи со кои беше обвиена партијата преку вештачки креираната политичка криза и црната кампања која како принцип ја воведе СДСМ.

Наскоро, сите граѓани, без исклучок, ќе имаат јасна слика за тоа кој вистински работел за нивните реални потреби а кој продавал магла со демагогии тргувајќи со интересите на Република Македонија и нејзините граѓани. Нас не чека напорна работа да ја вратиме државата на вистински колосек, за да успееме во тоа потребно е да ја урнеме Владата предводена од СДСМ и да ги спроведеме нашите политики зад кои стојат мнозинството граѓани во Република Македонија.

Рековте останувате цврсто на ставот за интеграција на државата во ЕУ и НАТО. Нема ли РМ друга алтернатива?

СРБОВ: Покрај духовно и културно сплотување со европските народи, каде што и историски припаѓаме, ние ја гледаме Република Македонија и институционално и економско-политички интегрирана во Европската унија. Ние просторно и цивилизациски припаѓаме на западната култура која сега, најголемиот дел, е обединета во Европската Унија и НАТО Алијансата, и не гледам логика да ние вредносно се сплотуваме со држави и народи со кои никогаш сме немале нешто заедничко, тоа беше политика на социјалистите кои ги создадоа „Неврзаните“ а истите тие социјалисти денес олицетворени во СДСМ зборуваат за евроинтеграции и тоа навистина звучи забавно и конфузно.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top