| четврток, 6 декември 2018 |

Седумнаесет години затвор за македонски државјанин во САД

Судот во Бруклин го прогласи македонскиот државјанин Џеваир Аметовски виновен за измама и продавање лични податоци од украдени кредитни картички преку интернет, соопшти американското обвинителство.

Аметовски (30) се соочува со 17 години затвор. Неговите адвокати, како што наведуваат американските медиуми, не ја коментираат пресудата. Аметовски, кој на интернет бил познат по алијасите „кодшоп“, „синдром“ и „синдромикс“ бил уапсен во 2014 година во Словенија, а минатата година бил екстрадиран во Њујорк.

Обвиненијата против Аметовски, како што велат американските власти, произлегуваат од седумгодишната истрага, спроведена во рамките на борбата против онлајн-пазарот со украдени финансиски податоци. Обвинителството тврди дека Аметовски, во периодот од 2010 до 2014 година имал таканаречена онлајн продавница каде продавал украдени податоци од повеќе од 181.000 кредитни и дебитни картички. Тој од илјадниците жртви украл милиони долари.

Аметовски ги добил податоците од хакери, кои пак информациите ги украле од финансиски и други институции. Лицата кои купувале податоци од Аметовски, ги користеле за онлајн купување, но и за изработување кредитни картички со кои потоа повлекувале пари од банкомати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top