Младинската репрезентација на Македонија оствари историски успех со освоеното шесто место на мундијалот во Алжир под водство на Илија Темелковски. Искусниот стратег кој имаше извонреден резултат и како селектор на сениорите (на СП во Хрватска во 2009), а претходно под негово водство младинската селекција на Македонија во 2002 година стигна до четвртото место на ЕП што се играше во Полска, најдобар пласман на една македонска национална селекција на големите натпреварувања. Темелковски не може да премолчи кога други се обидуваат да се китат со неговите успеси, откако Лино Червар во неколку изјави по Mундијалот во Алжир во јавноста истакнуваше дека тоа е резултат на неговиот проект во Металург, клуб кој даде најголем дел од репрезентативците.
– Јас сум 50 години во македонскиот ракомет, никогаш не сум реагирал бидејќи по карактер не сум суетен, но ова веќе ги минува границите на нормалното. Да се излегува во јавност и да се тврди дека тоа е нечија заслуга, како што тоа го прави Лино Червар, а притоа во ниту една реченица да не се спомне стручниот штаб што го остварил тој историски успех, тоа е знак на целосна некултура и непочитување на работата на останатите. Низ годините сме имале бројни странски селектори, но тие секогаш имале почит кон домашните стратези. Червар мисли дека македонскиот ракомет почнал и ќе заврши со него, што апсолутно не е точно, што се виде и со сениорската репрезентација по неговото напуштање, истакнува Темелковски во интервју за Екипа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.