Во изминативе четири години работев транспарентно, напорно и посветено. Плод на таквата посветеност и работа се стотици реализирани проекти во Град Скопје, во различни области кои го подобрија животот на скопјани. Ова на денешната прес- конференција го истакна градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, кој даде отчет за неговата работата за изминатите четири години.
– За намалување на сообраќајниот метеж проширени се многу булевари. Проширивме и пробивме 14,5 километри улици и булевари. Дел од нив се булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ трет дел, во делот на општина Карпош, булеварот „Ѓорче Петров“ прв дел, булеварот „Партизански одреди“ од Порта Влае до црквата „Свети Петар и Павле“, „Трета Македонска Бригада“ прв дел, булеварот „АСНОМ“ кај последна петка, улицата или булеварот во Маџари…, рече Трајановски.
Тој посочи дека обновиле улици во должина од 20 километри: „Кемал Сејфула“ втор дел, „Јане Сандански“ втор дел, „Васко Карангелевски“ која деновиве ќе биде пуштена во употреба, „Народи херои“ во Кисела Вода, „Алија Авдовиќ“ во Гази Баба, Сингелиќ, улицата „Сарај“ прв дел…
Покрај патната инфраструктура, градоначалникот Трајановски се осврна и за останатата комунална инфраструктура која е реконструирана и изградена изминативе 4 години од страна на Градот Скопје, како и проектите за подобрување на јавниот сообраќај и мобилноста во Скопје.
– Изминативе 4 години, во соработка со јавното претпријатие „Водовод и канализација“ изградивме околу 82 километри водоводна мрежа, околу 40 километри фекална канализација и околу 30 километри атмосферска канализација. Во однос на јавниот автобуски превоз, направивме голем напредок каде воведовме нов систем за електронска наплата на билетите и автоматска локација на возилата што придонесе за помодерен, поквалитетен и навремен јавен превоз за граѓаните. Дополнително, во Скопје започна функционирањето и на Центарот за управување и контрола на сообраќајот, со што значително се подобр одвивањето на сообраќајот. Како еден аспект на сообраќајот е секако и развојот на велосипедизмот, преку поголем број на проекти, од кој најважен е проектот за подобрување на велосипедската инфраструктура во Скопје „Скопје Велоград“. Со овој проект се формира ефикасна мрежа на обележани велосипедски патеки коишто ќе бидат поврзани и достапни за користење на велосипедистите. До крајот на 2017 година, планираме да изградиме и реконструираме вкупно 51 километар велосипедски патеки во Скопје. Како еден од проектите за промоција на велосипедот е и давањето на субвенции за набавка на велосиеди, каде годинава доделивме 10 милиони денари или 2.600 граѓани добија субвенции за набавка на нови велосипеди. Нашите напори во објаста на модерниот сообраќај и мобилност беа наградени со признанието „Градски трофеј“ за проактивните политики за одржлив транспорт, мобилност и ефикасен јавен превоз, а бевме избрани и за финалисти во изборот за наградата за Европска мобилност 2016 година која ја доделува Европската комисија, додаде Трајановски.
Трајановски говореше и за проектите од областа на животната средина, каде се осврна на новите изградени паркови и зелени површини, како и новите засадени садници.
– Овие 4 години, во делот посветен на животната средина и одржувањето на зеленилото, Градот Скопје прв во регионот набави машина за пресадување дрвја, како и машина со кранска рака, со што дрвјата ќе се заштитат и ќе може лесно да се пресадуваат на друга локација, наместо да се сечат. Она што за мене е особено значајно е што на јавните зелени површини Градот Скопје насади 256.000 листопадни и зимзелени садници, набавени со сопствени средства. Во текот на изминатите четири години на територијата на градот се подигнати околу 330.000 квадратни метри нови зелени површини, каде како најзначајни можам да ги издвојам новиот парк во Аеродром долж бул. АСНОМ, новото зеленило долж бул. Февруарски поход, 3-те дела на Паркот Македонија долж бул. Митрополит Теодосиј Гологанов и многу други – кажа Трајановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.