| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓорѓески: Централната и локалната власт да стават прст на чело за проблемите на тетовчани (Видео)

Продолжуваат панел дискусиите кои ги организира ВМРО-ДПМНЕ. На денешната, се говореше на тема „Тетово плаќа за неодговорноста на локалната и централната власт“, каде акцент се стави на тетовската депонија, огромен проблем со кој се соочуваат жителите на општината.

– При секое изготвување на буџетот на општина Тетово ние донесуваме одлуки од 7 до 10 милиони денари за изработка на претоварната станица во Тетово, но до ден денес не е отпочната изградбата на претоварната станица, истакна советникот на ВМРО-ДПМНЕ во општина Тетово, Ивица Ѓорѓески.

Тој додаде дека градоначалничката Теута Арифи тврдела дека Тетово е подготвено да започне со изградба на депонија по ЕУ стандарди најкасно до 2015 или 2016 година, а како што може да се види ниту темел не е поставен за изградба на оваа депонија.

– Ветувањата од предизборието се покажаа како чиста желба за власт. Спортскиот центар во Тетово е претворен во некој луна парк и со тоа се уништија белите дробови на Тетово. Централната власт ја нема никаде и тоа е непростливо. Треба да стават прст на чело и локалната и централната власт и да размислува што им се случува на тетовчани со овој горчлив проблем, рече Ѓорѓески.

Потенцираше и дека на 100 метри од депонијата се наоѓаат силосите за жито на Жито Полог од каде се прави лебот со кој се хранат жителите на општината и додаде дека после вчерашниот настан кога гореше депонијата може само да замислиме само што се случи со тоа жито.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top