Неколку стотини жители на Тетово денеска со протест го изразија своето незадоволство од, како што рекоа, неспосбноста и непреземањето мерки од страна на локалната власт по избувнувањето на вчерашниот голем пожар на дивата депонија што ЈКП Тетово ја користи како претоварна станица на влезот во градот кај железничката пруга што минува покрај силосите на Жито полог.
Протестот започна на градскиот плоштад за потоа присутните да се упатат пред општинската зграда каде фрлија кеси и полн контејнер со смет. За време на движењето по градските улици и пред општината тие извикуваа Сакаме да дишеме, Еве ви го ѓубрето, а скандираа и Оставка и затвор градоначалничката Теута Арифи. По околу еден час присутните на протестот се разотидоа, но најавија дека со протестите ќе продолжат и утре.
Поранешниот директор на Центарот за јавно здравје, кој сега е пензионер, Џавид Фејзули посочи дека со палењето на дивата депонија хемиските материи од саметот претрпуваат промени и стануваат уште поотровни и канцерогени состојки што се шират низ целиот град.
– Очекувам дека некој од адвокатите присутни на протестот ќе поднесат кривична пријава против општина Тетово за загрозување на здравјето на населението. Човек може да не дише само околу 2 до 3 минути, но потоа мора да се дише. Овој отровен и канцероген воздух во Тетово го загрозува здравјето на сите стари, млади, деца, па дури и оние што не се родени. Ова значи зголемување на бројот на болни, но и проблеми со генетиката, изјави Фејзули.
Учесникот на протестот Дарко Гавроски ги наведе причините поради кои жителите на Тетово се незадоволни од досегашниот третман на сметот во градот. Дивата депонија на влезот во градот не е дива, туку е претоварна станица за отпад што 13 години ЈКП Тетово како дел од локалната власт ја користи.
– Како е можно таа со дозвола од локалната власт да работи на тоа место. Ако веќе е претоварна станица тогаш треба да биде уредена како таква со ограда и соодветна чуварска служба за да се избегнат можностите за палење на сметот, рече Гавроски.
До денешниот протест на граѓаните организиран преку социјалните мрежи дојде откако вчера, во текот на ноќта и утринава кога временските прилики погодуваа чадот од депонијата се ширеше и го прекриваше целиот град со голема смрдеа.
(извор – МИА)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.