Водени од девизата дека секогаш е вистинско време да се направи нешто добро и дека нашето малку за некого значи многу, младата брачна двојка Ана и Игор Стојанови деновиве направи невообичаена донација и ги усреќи децата кои го посетуваат Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас во Битола, пишува Битолски весник.
Ана и Игор кои неодамна правеа свадба во Битола, претходно преку нивните свадбени покани, ги замолија нивните гости наместо букет цвеќе или бомбониера да им подарат играчки, боенки или сликовници кои тие подоцна ги донираа во Заводот во Битола.
– Секогаш е убаво чувството кога радоста и среќата ќе се споделат со некој друг. Токму затоа јас и мојот сопруг Игор се одлучивме преку свадбените покани наместо букет цвеќе или бомбониери од нашите гости да побараме играчки, сликовници или боенки со цел да ги донираме во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас во Битола. Морам да признаам дека гостите нѐ изненадија со позитивните реакции и големиот број играчки кои ги донесоа за дечињата кои ги дониравме, и насмевките и радоста кај децата го исполнуваат срцето и тоа чувство не може да се опише со зборови. Овај наш хуман гест убаво би било да претставува поттик за сите останати двојки кои имаат намера да стапат во брак и да прават свадба и притоа да направат нешто добро и да помогнат каде што е потребно, бидејќи секогаш е вистинско време да се направи нешто добро – истакна Ана Стојанов.
Директорката на Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас во Битола, Анета Ѓорѓиевска, истакна дека ваква донација од двајца млади е реткост. Откако таа е на чело на Заводот, слична донација се немало случено.
– Колегите ми кажаа дека ваква слична донација имале пред повеќе од една деценија и многу ми е мило и големо е задоволството и кај децата и кај сите вработени, што еден млад брачен пар се одлучи да донира на ваков прекрасен, несекојдневен начин. Овие детски реквизити ги користат сите деца, а најмногу оние кои имаат поголеми оштетувања на говорот и гласот – изјави директорката Анета Ѓорѓиевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МНТ се приклучи во хуманитарната акција за Сара: Сретствата од билетите од „Силјан Штркот шанца“ ќе се донираат
-
Кампањата „Подарено срце“ донесе медицинска опрема за поефикасно лекување на деца со респираторни проблеми
-
Институтот „Јунуз Емре“-Скопје ќе донира книги на отсекот по турски јазик на Филолошкиот факултет
-
Книга е идеален подарок за Нова година