| четврток, 6 декември 2018 |

Со една нога во групната фаза во ЛЕ: Вардар му одржа лекција на Фенербахче (ФОТО)

Македонскиот фудбалски првак Вардар на сензационален начин го победи фаворизираниот турски Фенербахче со 2-0, во првиот меч од плејофот за пласман во Лига Европа, одигран вечерва на националната арена „Филип Втори“.

Искусниот стратег Чедомир Јаневски, на тој начин, имаше успешно деби на тренерската позиција во Вардар, еден ден по неговото претставување во клубот.

Тигран Барсегјан го отвори резултатот во 20-та минута, совладувајќи го гостинскиот голман Идрис Камени, по индивидуален пробив, користејќи ја слабата реакција на гостинскиот стопер Мартин Шкртел. Мехмет Топал постигна автогол во судиското надополнување на мечот, во обид со глава да ја врати топката кон својот голман.

Значајот на триумфот е уште поголем, ако се земе предвид вредноста на составот исполнет со искусни интернационалци и звучни имиња, на Фенербахче, чии играчи чинат вкупно 91 милиони евра, наспроти вкупната вредност на „црвено-црните“ која изнесува 11 милиони евра (според податоците на интернет-страницата специјализирана за трансфери „трансфермаркт.де“). Матју Валбуена, Роберто Солдадо и Шкртел се меѓу попознатите фудбалери на турскиот клуб, кои настапија вечерва во Скопје.

Капитенот на Вардар Бобан Грнчаров беше исклучен во 90-та минута, кога доби втор жолт картон, со што нема да игра во реваншот во Истанбул, кој е закажан за идниот четврток во 19.30 часот. Кај Фенербахче, црвен картон доби Соуза.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top