| четврток, 6 декември 2018 |

СДС сака да испрати порака до цело прaвосудство – мора да се слуша Заев, во спротивно сите ќе бидат разрешени

Во позадина се две работи. Во првата станува збор за политичка работа која што сака да се испрати до цело правосудство во Република Македонија, дека мора да слуша што Зоран Заев ќе им каже, во спротивно ќе бидат разрешени, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски на денешното продолжение на седницата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Илиоски додаде дека втората работа која што исто така е значајна е тоа што на овој начин со оваа дебата во период кога истата треба да биде ставена во мирување заради законските пречки кои што постојат се сака да се дефокусира јавноста од значајните теми и значајните проблеми кои што постојат во Република Македонија, односно теми и проблеми кои што ги тиштат граѓаните на Република Македонија.

– За жал гледаме една од тие теми, гледаме дека овие денови Македонија почнува да заличува на полициска држава. Се случи ранување на дечиња во Струмица од страна на овластено полициско лице и министерот воопшто не реагира на тој случај. За жал вчера се случи исто и убиство во Струга, истакна Илиоски.

Тој нагласи дека е јасно освен темите за кои што сега се разговара има многу посуштински и позначајни теми кои што треба да се разговараат, како на пример денешното задолжување кое што оваа влада сака да го направи, дополнително да ги задолжи граѓаните на Република Македонија.

– И темата која што за битолчани е многу значајна, а која што пратениците од СДСМ само ја потврдија, тоа е изградба на бегалски камп на граничниот премин Меџитлија. Пратеникот Васко Ковачевски тоа го потврди од оваа говорница, меѓутоа упорно бегаат да разговараат на таа тема. Дури и советниците на СДС во Битола избегаа од седница да разговараат на оваа тема, потенцираше Илиоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top