| четврток, 6 декември 2018 |

Македонскиот документарец „Со љубов“ на Сараевскиот филмски фестивал

Македонскиот документарец „Со љубов“ („Avec L`amour“) во режија на Илија Цветковски за неготинецот што поседува 100 олдтајмери ќе биде во трка за награда на 23. „Саревски филмски фестивал“ кој е во тек и ќе трае до 18 август.  Македонската премиера на филмот ќе биде на 19-ти август во рамки на фестивалот за документарни филмови „МакеДокс“ во Скопје.

Документарниот филм за пензионираниот професор по биологија Дионис Пашлаков од Неготино, и неговата страст за олдтајмери се во фокусот на филмот на Цветковски кој утре, 16 август ќе биде прикажан на СФФ.

Во документариот филм станува збор за едноставна приказна за поранешен професор што поседува над сто стари автомобили, од кои повеќето не работат, но секоја вечер тој спие во нивна близина, сонувајќи дека еден ден неговата невообичаена колекција ќе прерасне во голем музеј. Правејќи торти за неготинските прослави, неговата жена Гоца ја поддржува страста на Дионис, плаќајќи му речиси за секоја негова нова стара кола.

„Со љубов“, кој на 2 мај ја имаше својата премиера на еден од најпрестижните фестивали за документарен филм во светот, „Хот докс“ во Торонто, Канада. На свечената премиера публиката одговори со преполна сала, овации и аплаузи, исцрпна дискусија со дел од авторската екипа и со одлични критики.
Екипата ја сочинуваат режисерот Илија Цветковски, продуцентот Атанас Георгиев, монтажа: Атанас Георгиев, кинематографери: Драган Паковски и Самир Љума, музика: „Фолтин“, звук: Атанас Георгиев и Александар Ѓорѓевиќ.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top