| четврток, 6 декември 2018 |

Мисетрии: Каде се крие гробот на Александар Велики?

Да не постоеја записите од Плутарх, Диодор и Аријан, многу малку би се знаело за неговиот живот. Историчарите тврдат дека постојат записи кои сведочат дека генералите на Александар две години по неговата смрт се карале кој да го преземе неговото тело и каде да биде погребано.

Местото каде што почива Александар Македонски и натаму е една од најголемите мистерии од античкиот свет.
Александар Македонски, познат како Александар Велики, е роден во Пела, денешна Грција, во 356 година пред нашата ера. Ученик на Аристотел, подоцна крал на Македонија, до својата 30. година од животот ја создал една од најголемите империи од античкиот свет, која се простирала преку Египет до границите на Индија. И ден-денес се смета за еден од најуспешните команданти, а бил идеал на многу војсководци кои сонувале за успех како неговиот. Починал на 32-годишна возраст во Вавилон, во 323 година пред нашата ера, а причината за смртта сè уште е обвиена со тајна. Постојат повеќе верзии: дека починал откако испил полн бокал вино и почувствувал силна болка во стомакот, но и од маларија, како и труење подметнато од страна на неговите генерали.
Да не постоеја записите од Плутарх, Диодор и Аријан, многу малку би се знаело за неговиот живот. Историчарите тврдат дека постојат записи кои сведочат дека генералите на Александар две години по неговата смрт се карале кој да го преземе неговото тело и каде да биде погребано. Некои сакале тоа да биде во Македонија, но Птоломеј, војсководецот и близок пријател на Александар Велики, инсистирал неговото тело да биде погребано во Египет.
Телото на Александар наводно било балсамирано во текот на тие две години, а биле изградени и златни кочии за да се транспортира. Две години подоцна започнало патувањето од Вавилон до храмот на египетскиот бог на Сонцето, Амон Ра. Кочијата била придружувана од гардата, но и од војска која го расчистувала патот. Меѓутоа, според списите на историчарот Диодор од Сицилија (прв век пред нашата ера) некаде на границата помеѓу Сирија и Египет нив ги запрел Птоломеј, кој го „украл” телото и го префрлил во Александрија.
Иако точната локација на гробот веќе два милениума е вистинска мистерија, постојат записи дека неколку важни луѓе го посетиле гробот – Јулиј Цезар, Клеопатра, Октавијан, Калигула, Адријан… Дополнително, во 199 година наводниот гроб на Александар го запечатил римскиот цар Септимус Северус во Александрија. Се наведува и дека во 215 година некои предмети од неговата гробница биле преместени. А потоа, во 1491 година Леон Африканецот и Ал-Масуди пишувале во своите дела дека го посетиле гробот на Александар Велики. Значи, нема сомнеж дека премногу историски податоци од различни периоди сведочат дека неговиот гроб се наоѓа токму во Александрија, што не е невозможно – Александар имал силни врски со Египет, бил прогласен за фараон, особено откако го поразил персискиот император Дариј и го ослободил Египет од персиска власт.
Со овие тврдења се согласува и грчкиот археолог Лијана Сувалци, која специјализирала на историјата за Александар Велики. Таа исто така смета дека Птоломеј ја исполнил својата, но и желбата на Александар, и телото го префрлил во храмот посветен на богот на Сонцето, Амон Ра, во оазата Сива, што е логично ако се земе предвид дека Александар верувал дека е син на Зевс.
Пророштвото на Амуните било од голема важност за античкиот свет, особено за Грците. Преданијата говорат дека за Александар тоа била директна потврда дека е син на Зевс. Уште во 1984 година таа барала од египетските власти дозвола да почне со истражувањата во оазата Сива, која се наоѓа на 50 километри од границата со Либија и 569 километри од Каиро. Дури по пет години добила дозвола, а по само една недела ископувања дошла до спектакуларно откритие – таа и нејзиниот тим нашле две статуи од лав поставени на нешто што наликувало на влез во едно големо здание. Во текот на наредните години дошле до сознание дека тоа здание всушност е античка кралска гробница која се простирала на 52 квадратни метри. Еден од написите за кои се верува дека го напишал токму Птоломеј дава упатство дека таму се транспортира тело, иако никаде не се наведува името на починатиот.
За жал, лошите односи помеѓу Грција и Египет по ова прашање доведоа до тоа Лијана да мора да престане со ископувањето. Во едно интервју за грчка телевизија, таа споменала дека додека се наоѓала во Египет, израелскиот амбасадор ја посетил оазата придружуван од група научници. Тој признал дека тоа е големо откритие кое може да ја промени политичката ситуација во Египет и да ги наруши односите во многу земји. Тој ѝ рекол дека бидејќи таа има сили да се бори за вистината, некогаш мора да прифати дека оној што ја открива вистината на крајот ќе мора и да плати за неа.
Денес наводната гробница на Александар Велики е под надзор на египетските власти, а никој не може да ја посети без дозвола од нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top