На локалните избори што ќе се одржат во октомври ВМРО-ДПМНЕ ќе атакува со нови свежи кадри, но и со проверени партиски функционери со богато политичко искуство. Како што најави и претседателот на партијата, Никола Груевски, на тимот му е неопходно освежување, па во таа насока во саботата вечерта со едногласна поддршка на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ беше избран составот на новиот Извршен комитет на партијата.
Новиот состав на главното партиско тело покажува дека партијата која ја предводеше коалицијата „За подобра Македонија“ и на парламентарните избори во декември освои најмногу мандати во Собранието, е решителна и уверена во успех на претстојните локални избори.
Изборот на новите членови е плод на длабока анализа и анкетирање на расположението, како меѓу членството, така и во поширокото избирачко тело.
И самиот тајминг на објавувањето на кадровското освежување во партискиот врв, исто така, неслучајно е избран и доаѓа во периодот на подготовки за локалните избори. А „свежата крв“, што претпоставува и зголемен ангажман за оправдувањето на добиената доверба, навестува долга и жестока кампања во окрупнување на гласачкото тело во пресрет на локалните избори, како прв тест за тоа дали македонскиот електорат ќе биде подложен на уште еден изборен инженеринг кој нескриено се подготвува.
За одбележување, исто така, е дека во овој момент новиот Извршен комитет, доколку се суди според реакциите на социјалните мрежи, наидува на задоволство кај партиското членство и создавање позитивна атмосфера. Ваквите реакции само го потврдуваат оптимизмот во партијата дека поддршката којашто ја добиваат новите кадри води кон продолжувањето на континуитетот на изборните победи последната деценија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.