Во знак на благодарност што ја качиле во возилото, девојката на возачите им ја зема раката и им ја претскажува судбината. На крајот на тунелот убавицата испарува од затворениот автомобил…
Стои покрај патот за тунелот Учка. Чека да наиде автомобил во кој има само возач. Го крева палецот… На нејзината етерична убавина и долга црна коса никој не може да одолее. Штом ќе седне во автомобилот, младата убавица во знак на благодарност, ќе му ја земе раката на возачот и му ја претскажува судбината. Магијата трае до крајот на тунелот. Штом ќе влезат на Истра, убавицата испарува од затворениот автомобил кој продолжува да вози по патот.
Под тмурната и дождлива планина, која поголемиот дел од времето е обвиткана во магла, на патот околу кој се издигнуваат клисури и густа шума, ваквата случка никого не оставила ладнокрвен. Легендата е родена. Не е познато кому прво му седнала во колата, но приказната за црната убавица од Учка се прошири како пожар.
Полицијата добива повици за црната убавица од 1988 година
Сѐ започна токму таа година – 1988. Полицијата почнала да добива сѐ повеќе и повеќе пријави за млада жена. Биле засилени патролите околу падините на Учка, празните патишта и самиот тунел, но никој не ја видел. Никој освен осамените возачи кои возат ноќе.
Бидејќи приказната никако не спласнувала, за неа се заинтересирале и Италијанците. Телевизијата РАИ 3 снимила и прилог за неа, но исто така без конкретни факти или докази, само прераскажување на веќе познатата приказна. Во тоа време сите сакале да ја сретнат црната убавица, сите знаеле како изгледа, ни никој не успал да ѝ влезе во трагот. Од уста до уста нејзината убавина станувала сѐ поголема, така што мистериозната жена станала најисчекуваното привидение во крајот. Некои оделе и толку далеку што ја прогласиле за Богородица.
Дух на жена која загинала во изградбата на тунелот или психијатриски случај?
Едни тврдат дека се работи за девојче кое избегало од психијатриска болница, а други дека тоа е духот на жена која загинала во изградбата на тунелот.
Веќе со години мистериозни стопери ги оставаат зачудени своите добродетели. Приказните на сведоците речиси секогаш имаат исти елементи. Ќе соберат автостопер, а кога ќе го довезат до локацијата што ќе ја каже, ќе видат дека во автомобилот веќе го нема. Едноставно исчезнувал низ затворена врата. Понекогаш возачите и разговарале со своите фантомски сопатници, но почесто тие се молчеливи. Речиси секогаш се жени и ловат мажи кои возат сами.
извор:пинџур.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.