Најдобриот македонски тенисер Томислав Јотовски (седми носител) денеска ќе игра во полуфиналето на фјучрсот во Скопје, а негов ривал ќе му биде вториот носител на турнирот Максимилијан Нојхрист од Австрија.
Противникот се наоѓа на 458. место и е за 150 позиции подобро рангиран од нашиот тенисер. Покрај тоа на досегашниот тек од турнирот Јотовски најдолго беше на теренот од сите полуфиналисти бидејќи одигра осум сета, за разлика од Нојхрист, кој играше само пет сета.
Нојхрист во ова полуфинале ќе влезе и како победник на овој фјучрс во игра на двојки бидејќи вчера заедно со сонародникот Давид Пихлер ги победија Дејн Пропоџиа и Цунг Хуа Јанг со 2-0 во сетови (7:6 (7:1) и 6:3).
Полуфиналната програма на терените на ТК „Тенис парк“ ќе почне во 10 часот, а во првото полуфинале ќе играат Давид Пихлер (прв носител) и Нино Сердарушиќ од Хрватска (трет носител). Мечот Јотовски – Нојхрист е веднаш по првото полуфинале, но не пред 11:30 часот.
Денеска стартуваат и квалификациите на вториот фјучрс во Македонија, а ќе настапат 12 македонски тенисери во квалификациите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.