| четврток, 6 декември 2018 |

Балетскиот спектакл „Клеопатра“ најизведувана и најпосетувана претстава од репертоарот на МОБ

Македонската опера и балет првото полугодие од 2017 година го заврши  со моцартовиот „Реквием“, а потоа, следуваа гостувања на балетот во Пловдив, Бугарија, „Охридско лето“, Охрид, Македонија и „Сплитско лето“, Сплит, Хрватска.

-МОБ во првото полугодие од 2017 година ја посетија повеќе од 25.000 посетители на 76 претстави. Со тоа се остварија зацртаните цели на куќата, да достигне 50.000 публика како и да бидат изведени 150 претстави по сезона, велат оттаму.

Следната сезона како што информираат од МОБ ќе почне на 27-ми септември во 20 часот со балетскиот спектакл „Клеопатра“.

-Изборот за оваа претстава доаѓа токму во консултација со публиката и статистиката бидејќи „Клеопатра“ е најизведувана и најпосетена претстава од репертоарот на МОБ, во текот на една сезона. Во изминатата сезона оваа претстава е изведена 12 пати и ја погледнале повеќе од 8.500 посетители, велат од Балетот.

За следната сезона програма вклучува неколку премиери и тоа: На 18. октомври триптихот- изведба на три балетски дела: СОФА и НЕКОИ СРЦА, во кореографија на светскиот кореограф Ицик Галили од Израел, а на музика од Том Ватс и Филип Глас. Третата претстава е обнова на ПЕСНА НАД ПЕСНИТЕ (Лудница) во кореографија на Сташа Зуровац, а на музика на Маријан Нечак.

За октомври е закажана и првата оперска премиера во новата сезона, на 31.октомври во 20 часот премиерно ќе бидат изведени претставите „Кавелерија рустикана“ на Пјетро Маскањи и „Паљачи“ од Руџеро Лоенкавало. Се работи за оперски дела во еден чин, дел од класичниот репертоар на секоја оперска куќа во светот и за таа цел се поставуваат и на сцената на МОБ.

До крајот на оваа календарска година, во тековниот репертоар на сцената на МОБ, ќе бидат изведени балетските претстави Дон Кихот, Дамата со камелии, Лебедово езеро и Бурнонвил, додека од оперските претстави, публиката ќе може да ги погледне Тоска, Набуко, Травијата, Евгениј Онегин и Лилјакот. За изведбите од тековниот репертоар, МОБ ќе продолжи да кани имиња од светската оперска и балетска сцена, со цел доближување на квалитетот до публиката.

За 2018 година, во предлог програмата се ставени три оперски и три балетски премиери и тоа, обнова на Кармен од Жорж Бизе, премиера на операта Шение од Умберто Џордано и Џани Скики од Џакомо Пучини. Балетот во 2018 прославува 70 години од своето основање при МОБ, и по тој повод ќе се организира голема европска балетска конференција на која балетот при МОБ ќе биде домаќин, а воедно ќе бидат поставени премиерно и балетите Божествена комедија и балетот Ромео и Јулија.

Во насока на збогатување на програмата, МОБ и натаму ќе го организира детскиот викенд, што претставува изведба на детски оперски и балетски претстави во викенд термините.

Дополнително програмата ќе биде збогатена и со алтернативната сцена, со цел развивање на истата преку поддршка од страна на куќата, а во насока на создавање нови и квалитетни оперски гласови и балетски кореографи.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top