| четврток, 6 декември 2018 |

Цуклев: Буџетот се крои за потребите на партиските вработувања

Во 16 ставки од ребалансот на буџетот има зголемување на платите и на надоместоците за 300 милиони денари, притоа имајќи предвид дека до крајот на годината има неколку месеци, од што може да се заклучи дека сите ќе бидат сведоци на голем број партиски вработувања, смета Цуклев. Според него, овие 50 дена надлежните за поттикнување на економијата прикажаа само задолжување и еден крајно политички и предизборен буџет за вдомување на партиските кадри и активисти на шарената револуција, кој не гарантира остварување економски пораст

Како го оценувате предложениот ребаланс на буџетот?

Цуклев: Ребалансот на буџетот ја отсликува најавата за одржување на локалните избори и тоа преку одвојување средства за популистички мерки како укинување на радиодифузната такса, субвенционирање на минималната плата, а, пред сѐ, вработувања на партиските кадри и на активистите од шарената револуција во одредени институции. За илустрација, во само 16 ставки од ребалансот на буџетот имаме зголемување на платите и на надоместоците за 300 милиони денари, притоа имајќи предвид дека до крајот на годината имаме неколку месеци од што може да се заклучи дека ќе бидеме сведоци на голем број партиски вработувања.

 

Со ребалансот се кратат средства од капиталните инвестиции, колку е тоа оправдано и издржано?

Цуклев: Тоа не е оправдано затоа што се губи развојната компонента и со вака поставен буџет нема да се поттикне економската активност. Имено, тешко и дека ќе се реализира предвидената стапка на пораст од 2,2 отсто со толкаво кратење во капиталните инвестиции, односно 58 милиони евра.

Во согласност со ребалансот се планира задолжување на државата и на граѓаните. Дали е потребно толкаво задолжување?

Цуклев: Ветувањата на СДСМ во предизборниот период и во изминатите неколку години беа консолидирање и намалување на јавниот долг, а со ребалансот гледаме сосема спротивни поместувања, односно предвидуваат зголемување на задолжувањето и тоа за износ од 150 милиони евра, од кои 100 се за странско задолжување, иако сме сведоци на реториката што ја имаа во минатото на секоја најавена еврообврзница. За тоа дали е потребно ова зголемување на задолжувањето доволно говорат капиталните инвестиции, односно го зголемуваме задолжувањето, а се намалуваат капиталните инвестиции, што е против секоја економска логика. Владата на Заев, ако продолжи така секој месец, за една година ќе ги задолжи граѓаните околу 400.000.000 евра, а за четири години мандат граѓаните ќе бидат задолжени околу 1.600.000.000 евра. Ова ќе значи крах за државата. СДС изминатите години им се закануваше на банките дека нема да им бидат признаени државните хартии од вредност што ги купуваат од Министерството за финансии, за сега Тевдовски и СДС на истите тие банки да им нудат државните хартии од вредност. Но, тоа што е важно е дека СДС говореше пред изборите дека веднаш штом дојде на власт ќе го запре задолжувањето на земјата, а сега нема ништо од тоа.

 

Актуелната влада ги запре сите проекти на ВМРО-ДПМНЕ. Најеклатантен пример за тоа се патиштата. Колку овие постапки се оправдани?

Цуклев: Не се запираат само патиштата, туку се запираат и проектите во гасификација, Клинички центар, водоснабдителен систем во Гевгелија и други капитални проекти, но причината за сето тоа е чисто политичка за да се фрли црна дамка врз реализацијата на овие позитивни и значајни проекти почнати од владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Една од најнезадоволните групи граѓани се земјоделците, толку им се ветуваше, а сега нивниот род скапува. Дали ветувањата за помош беа нереални или тоа е одраз на недоволната грижа на надлежните?

Цуклев: Ветувањата кон земјоделците беа надвор од реалноста и ние предупредивме за тоа во предизборието затоа што тие им ветуваат гарантиран откуп на земјоделски производи, а сведоци сме дека сѐ што произлезе како реколта досега е со крајно ниски цени, а најголем дел од земјоделските производи останаа на нивите непродадени. На крајот земјоделците се тие што останаа со непродаден род како резултат на недоволната грижа и способност на надлежните.

 

Како ги оценувате капацитетите на владејачката гарнитура во соочувањето со актуелните економски предизвици?

Цуклев: Можеби 50 дена се малку, ама се доволно за да се види дека се нема капацитет и визија за поттикнување на економскиот развој на Република Македонија. За овие 50 дена од надлежните за поттикнување на економијата видовме само задолжување, кое е во износ од 60-ина милиони евра и еден крајно политички и предизборен буџет за вдомување на партиските кадри и активисти на шарената револуција, кој не гарантира остварување на економски пораст. Минималната плата не е покачена на 16.000 денари, како што ветуваше Заев, ниту, пак, просечната плата се покачи на 30.000 денари. Докторите сѐ уште ги очекуваат ветените 100.000 денари плата, а нема почнато ниту еден километар од новите 500 километри автопат, кои СДС ги ветува како капитална инвестиција. Милионски задолжувања и ниту еден реализиран проект. Недомаќинското работење на СДС почна уште првиот ден на мандатот и уверени сме дека ќе трае до последниот.

 

Разговараше: Александрија Стевкоска
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Драган Цуклев е објавено во 256. број на неделникот Република, 28.07.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top