Со проекција на креативни документарни филмови во селото Манастирец, во областа Порече, на 25 јули заврши Патувачкото кино на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кое во изминатите осум години посети точно 60 села и помали градови низ Македонија. Новитет годинава беше што првпат на Патувачкото кино се одржа дел од работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“, а „МакеДокс“ беше и организатор на амбиентален концерт под отворено небо во месноста Преслап кај селото Локвица.
Осмото Патувачко кино на „МакеДокс“ од 12 до 25 јули се одржа во областа Порече и ги посети селата Крапа, Девич, Црешнево, Требино (проекцијата беше откажана поради невреме), Локвица, Брест, Косово и Манастирец. Втора година по ред Патувачкото кино, со тридневни проекции во црквата Свети Илија, е дел од програмата на музичкиот „Д-Фестивал“ во Дојран.
Областа Порече, која се простира по течението на реката Треска, плени со недопрената и дива природа, стрмни и тесни патчиња, високи планински врвови, воздух што реже во градите и небо исполнето со милиони ѕвезди. Наспроти дивината на пејсажите, екипата на Патувачкото кино се сретна со кротки, питоми, љубезни и гостопримливи луѓе. Секаде беше пречекана со убави збор и мисла, и со радост дека барем една вечер во нивниот тежок живот на село ќе имаат можност да се оттргнат од секојдневните работи и да се дружат меѓусебно и со екипата на „МакеДокс“.
Селата Брест и Косово се наоѓаат во Горно Порече. Низ нив не можете случајно да поминете, а дотаму се стигнува по патот од Македонски Брод, преку мостот на Беличка река, низ Самоков и потоа десно и високо во планината. После овие села патот продолжува кон резерватот Јасен. Кога ќе влезете во селата имате чувство како да се наоѓате во оаза среде планински амбиент.
Селото Брест има околу 150 жители, меѓу кои и голем број деца. Во селото имаат училиште и во неговиот двор се одржаа проекциите на Патувачкото кино. Покрај џагорот на децата, минувајќи крај една група жени кои си муабетеа меѓусебно го слушнавме и коментарот: „За киното го облече најубавиот фустан, како да одиш на свадба“. Ете, таков беше приемот на Патувачкото кино во селата во кои има проекции на документарни филмови.
Селото Косово (нема никаква поврзаност со соседната држава Косово, туку, едноставно, така се вика селото) беше најоддалечено од базата на Патувачкото кино во Манастирец. Дваесетина љубопитни дечиња беа причината, со целата техника за проектирање филм, да се искачиме по стрмниот, речиси, непрооден пат кон селото. Одреден дел од патот е земјен и со многу карпи. Мештаните во селото се многу повлечени и срамежливи. Веројатно никогаш не им се случило толку многу „странци“ да им дојдат во селото.
„Тука живеат околу 50 постојани жители“, објасни Боге, прислужник во школото, кое се наоѓа на највисоката точка во селото и во чиј двор се одржа проекцијата на „МакеДокс“. Опкружени со темни планини во темната ноќ беа создадени идеални услови за филмска проекција. Иако живеат како отсечени од светот и од цивилизацијата, жителите на Косово ја имаат привилегијата, веројатно, први да ја видат ѕвездата Вечерница (Венера), која е единствена на небото на самрак.
Во објектот на основното училиште „Свети Климент Охридски“ во близина на селото Манастирец цели 16 дена беше сместена екипата на Патувачкото кино.
Покрај близината до реката Треска, во Манастирец се горди и на манастирот Света Богородица Пречиста, за кој се претпоставува дека е од 12. век. „Селото е поделено на Горни и Долни Манастирец, а над двата се издигнува манастирот, во кој доаѓаат луѓе од 53 околни села“, објаснува Илчо, жител на селото. Во денешно време во Горни Манастирец има неколку постари луѓе, додека во Долни Манастирец има 100-тина постојани жители, кои во времето на создавањето на селото се доселувале од Старо Село, Шкодра и Куќиште. Во почетокот се викало Ново Село, а подоцна било сменето името во Манастирец.
Локалните жители направија сѐ што е потребно престојот на екипата на „МакеДокс“ да помине во најубав ред. На нивната љубезност им беше возвратено со проекција на неколку кратки и анимирани, како и долгометражен документарен филм. По проекцијата имаше и диско-забава, со која беше одбележан крајот на годинашното Патувачко кино, но и точно 60-тата проекција во изминатите осум години.
Првпат во рамките на Патувачкото кино беше вклучена работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“. Втората сесија на работилницата ќе се одржи за време на фестивалот „МакеДокс“ во август. Работилницата се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.
Осмото издание на Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Медиумски покровители на Патувачкото кино се Првиот програмски сервис на МТВ, Телевизија 24, Телма, Нова Македонија, Слободен печат, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Канал 103, ЏезФМ, Радио МОФ, Плус Инфо, Окно, Нова ТВ веб, А1ОН, Плагиј.ат, Е-магазин, Репер, Лице в лице, Его, Калимеро, Бла Бла ТВ, Пиреј.мк, РеБорн, Види Вака, ОФФ.нет и МКД.мк.
Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 19 до 25 август 2017 година во Куршумли-ан во Скопје. Годинава „МакеДокс“ ќе донесе шеесетина филмови во Главната програма, Нови автори, Кратки филмови, Студентската и Детската програма и речиси исто толку гости. Тематски фестивалот ќе биде фокусиран на визуелната нарација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.