Најромантичниот дел од активностите на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ – Патувачкото кино, годинава ќе се одржи од 12 до 25 јули во 8 места во областа Порече, и тоа: село Крапа (12 јули), с. Девич (18 јули), с. Црешнево (19 јули), с. Требино (20 јули), с. Локвица (22 јули), с. Брест (23 јули), с. Косово (24 јули) и с. Манастирец (25 јули).
Патувачкото кино е дел од фестивалот „МакеДокс“ уште од првата година. Со цел да се задоволи потребата за културна децентрализација и реанимација на руралните области во Македонија и со желба да се сподели искуството на гледање документарни филмови со што е можно поголем број луѓе, екипата на „МакеДокс“ секоја година посетува нови села и помали градови во различни региони од Македонија.
Патувачкото кино на „Македокс“ и оваа година ќе биде вклучено во програмата на музичкиот „Д-Фестивал“ во Дојран од 14 до 16 јули 2017 година, кога ќе бидат прикажани повеќе наслови од музичко-документарната филмска програма на „МакеДокс“.
Првпат во рамките на Патувачкото кино ќе биде вклучена и работилница за креативен документарен филм. Со наслов „Докуникулци“ на работилницата ќе учествуваат 12 млади филмофили на возраст од 15 до 18 години од Скопје, Тетово, Прилеп и Битола. Работилницата ќе се одвива во три сесии: првата ќе се реализира на „Д-Фестивал“ и во областа Порече за време на Патувачкото кино, втората сесија ќе се случи за време на фестивалот „МакеДокс“ во август, додека завршната сесија ќе биде реализирана наесен во Скопје.
Осмото издание на Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“ се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.
Од 2010 година до сега успеавме „МакеДокс“ да го профилираме како повеќеслојна платформа која ја преферира содржината пред формата и која преку сите свои активности и комуникација со јавноста промовира естетски, етички и морални вредности кои се препознатливи и ценети од сите кои дошле во контакт со „МакеДокс“. Во текот на изминатите седум години преку своите настани „МакеДокс“ успеа да допре до вкупно 117.900 гледачи, од кои 30.000 за време на фестивалот во Скопје, околу 80.000 како дел од образовната програма за деца и млади, околу 6.900 кои присуствуваа на проекциите за време на Патувачкото кино во 52 помали населени места низ Македонија и на околу 1.000 посетители на проекциите во рамките на дистрибутивните проекти на „МакеДокс“.
Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 19 до 25 август 2017 година во Скопје.
Медиумски покровители на Патувачкото кино се Првиот програмски сервис на МТВ, Телевизија 24, Телма, Нова Македонија, Слободен печат, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Канал 103, ЏезФМ, Радио МОФ, Плус Инфо, Окно, Нова ТВ веб, А1ОН, Плагиј.ат, Е-магазин, Репер, Лице в лице, Его, Калимеро, Бла Бла ТВ, Пиреј.мк, РеБорн, Види Вака, ОФФ.нет и МКД.мк.
Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“ своите активности ги реализира низ повеќе платформи, како Фестивалот „МакеДокс“, Патувачкото кино, едукативните „Ние сме визуелни“, „АКТив“, „МакеДокс во училница“, Младински филмски клубови, „МакеДокс Кино-викенд(и)“, како и со членството во Балканската дистрибутивна документарна мрежа (БДДМ).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.