Патувачкото кино на „МакеДокс“ стигна до последната станица на своето деветто патешествие со прикажување документарни филмови, оваа година во Струшкиот регион. Во рамките на програмата на шестото издание на фестивалот „ДримОН“ на 25 јули во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга, со почеток во 22 часот, ќе се одржи „МакеДокс“ еко-доку филмски маратон.
Претходните денови Патувачкото кино имаше проекции на документарни филмови во струшките села Ташмаруништа, Радожда и Мали Влај. Во меѓувреме пристигна и втората генерација „Докуникулци“, со што започна и работилницата за креативен документарен филм. Младите „докуникулци“ веднаш го фатија ритамот на Патувачкото кино, присуствуваа на проекцијата во Радожда, имаа целодневен излет во прекрасното планинско село Мали Влај, а само за еден ден успејаа да исчистат голем дел од крајбрежјето на Охридското езеро во некогашниот камп „Треска“ кај Радожда. Еко-акцијата за чистење на плажите ќе продолжи и следните денови, паралелно со сесиите на филмската работилница, кои ги предводи Петра Селишкар, селекторка на програмата на фестивалот „МакеДокс“.
Проекциите на Патувачкото кино главно содржат три сегменти. Првиот е кратка програма со анимирани филмови за деца, потоа следува репортажа на „МакеДокс“ за претходни патувачки кина во други региони низ државата и на крајот се прикажува долгометражен документарен филм. Така беше и во селото Ташмаруништа, каде на 20 јули беше прикажан филмот „Плати и жени“ (Cash and Marry, 76 мин., 2009, Македонија, Хрватска, Австрија) на Атанас Георгиев. Во селото со шест цркви, споменик на Илинден и НОБ, со околу 250 постојани жители и со многу магариња, проекцијата се одржа во Спортскиот центар и забавен парк „Свети Василија“. Селото е сместено во подножјето на планината Караорман во областа наречена Малесија или Горни Дримкол. Името го добило во турско време со спојување на зборовите „таш“ (камен) и муренки (црни дудинки). Овие објаснувања ни ги дадоа во семејството на Танче Наумоски, каде екипата беше почестена со домаќинско кафе. На проекцијата во Ташмаруништа присуствуваше и актерот Петар Арсовски, кој се потсети дека во 1979-80 година токму во ова село бил снимен филмот „Време, води“ на режисерот Бранко Гапо.
Проекцијата во селото Радожда, на 21 јули, целосно беше фокусирана на еколошките тематики. Пред филмската проекција беше одржано предавањето „Дом со нула отпад“ на кое Андријана Папиќ Манчева, член на екипата на „МакеДокс“, на присутните им објасни дека е можно да се живее без да се создава голема количина отпад со примена на правилата на француската авторка Беа Џонсон. Во продолжение беше прикажан филмот „Депонија“ (Waste Land, 100 мин., 2010, Велика Британија, Бразил) на Луси Вокер во кој се следи процесот на познатиот фотограф Вик Муниз за создавање уметност од отпад.
Селото Радожда е познато по седумте цркви, од кои најстара е пештерната црква „Свети Архангел Михаил“ од 12. век. Познато е и по седумте рибни ресторани, а рибарот Воислав Нестороски – Војче ни објасни дека во селото има точно 8 рибари. Во селото има околу 1.000 постојани жители кои потекнуваат од 12-13 стари фамилии. Во Радожда е сместена базата на годинашното Патувачко кино, а по проекцијата на филмовите во школскиот двор се одржа и караоке со децата од селото.
На околу 1.000 метри надморска височина на планината Јабланица е сместено селото Мали Влај. Познато е по својата десетвековна историја, по репетиторот на Македонска радиодифузија сместен над селото и по прекрасниот поглед кон Охридското езеро. Има шест цркви и само 15-20 постојани жители. Меѓу нив го сретнавме и пријателот на „МакеДокс“ со прекар Зајко, кој беше толку срамежлив што не сакаше да го објавиме неговото вистинско име, туку само ни кажа дека „луѓето мора да се збудалени штом напуштиле ваква убавина“. Екипата на Патувачкото кино во Мали Влај се чувствуваше како во „мали рај“ и навистина е штета што селото е речиси напуштено. Затоа во Мали Влај беше прикажан филмот „Со љубов“ (Avec l’amour, 67 мин., 2017, Македонија) на режисерот Илија Цветковски. На проекцијата на 22 јули присуствуваа сите жители на селото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Македокс“: Главна награда „Кромид“ за најдобар филм ја доби „Далечниот лаеж на кучињата“на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт
-
Панел-дискусија со Вито Флакер, Дамијан Ненадиќ и Ана Замецка на „МакеДокс“
-
Студентската програма на „МакеДокс 9“
-
Избрани четири нови идеи за снимање документарен филм во рамки на проектот „Докуникулци“