„Преку изградба на нов голем зелен парк, нови тротоари на 10 улици и целосно осветлување, ќе се урбанизира Горно и Долно Лисиче“, изјави градоначалникот, Ивица Коневски на прес-конференцијата што се одржа денеска, во просториите на Општина Аеродром.
Станува збор за хортикултурно и партерно уредување на дел од местото познато како „Бановина“ во Горно Лисиче во близина на улицата „Ѓорѓи Капчев“, каде ќе се изгради нов зелен парк со вкупна површина од 6.500 квадратни метри со тревна површина од 2.310 квадратни метри, која ќе биде уредена со висока и ниска вегетација.
Паркот ќе содржи езеро на две нивоа со пешачки мост, кое ќе опфаќа површина од 550 квадратни метри, а ќе има исто така и видиковец поставен во горното езеро.
Паркот уште ќе содржи плочник со клупи и масичка, детско игралиште со лулашки, клацкалки, лизгалка и вртелешка, пешачки патеки, жардиниери, летниковец, чешми за пиење вода, канти за отпадоци и клупи.
Новиот парк ќе биде ограден, комплетно осветлен со нови штедливи канделабри и сопствен систем за наводнување на зеленилото. Со изградбата на овој парк граѓаните во Горно Лисиче ќе добијат зелено катче за одмор и рекреација, а Аеродром уште еднаш ќе го потврди атрибутот на најзелена општина.
Општина Аеродром, со цел да се урбанизира руралниот дел, исто така, ќе изгради и нови тротоари покрај 10 улици, кои потоа ќе бидат целосно осветлени. Станува збор за улиците „Тодор Чангов“, „Ѓорѓи Капчев“, „Благоја Мучето“, „Василие Ѓуровиќ“, „Божин Николов“, „Горноврановска“, „Лисец“,главната улица што се протега од „Февруарски Поход“ па сè до усјанскиот канал и други улици во Горно Лисиче, како и Улица 1 во Долно Лисиче.
Вкупната површина на новите тротоари во Горно и Долно Лисиче ќе изнесува речиси 14 илјади квадратни метри, а должината околу 9 километри.
Општина Аеродром изминатиот период ја изгради канализациската мрежа и ги асфалтира улиците во руралниот дел, така што оваа година ќе изгради тротоари, кои им се потребни на пешаците. Новите и осветлени тротоари ќе им овозможат на граѓаните да се движат побезбедно.
На прес-конференцијата присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски кој изјави дека Аеродром е општина за пример како со несмалено темпо треба да се гради и создаваат услови за подобар живот на граѓаните. Тој додаде дека Град Скопје го поддржува проектот за урбанизација на руралниот дел во Општина Аеродром и најави дека ќе помогне со продолжување на булеварот „АСНОМ“ кон Горно Лисиче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




