| четврток, 6 декември 2018 |

Ферер веќе го победи Надал, од понеделник ќе биде пред него на АТП-листата

Давид Ферер се избори за првото гранслем финале во кариерата, а без разлика на утрешниот исход во мечот за титулата против Рафаел Надал, тој ќе го прескокне ривалот на светската ранг-листа.

Ситуацијата е малку и апсурдна, но такви се правилата во тенисот, и рангирањето се прави и на основа на минатиот труд. А, Надал е шампион од лани на Ролан Гарос, со нова титула, ниту губи, ниту добива поени, па продорот на Ферер до финалето, ќе донесе промена. Давид има 31 година и дури сега за првпат се избори за настап во гранслем финале, што ќе му ја донесе четвартата позиција во машкиот тенис. Надал ќе падне на петтата позиција, што е незапамтен пример, со освоена титула да се назадува, но за него утре е најважно да го одбрани тронот и да стаса до рекорд.

Ако го победи Ферер, Рафаел ќе биде првиот тенисер во историјата со 8 титули на Ролан Гарос. На светската ранг-листа лидер ќе остане Новак Ѓоковиќ, пред Енди Мареј кој не настапи во Париз и пред Роже Федерер.

Кај дамите новата шампионка на Ролан Гарос, Серена Вилијамс го задржа врвот, пред старата шампионка Марија Шарапова. Попладнево во финалето Американката беше подобра и славеше со 6-4, 6-4, за втора круна во Париз и вкупно 16 на гранслем турнирите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top