Пациентите кои треба да одат на лекување во странство ќе треба да почекаат. На ова упатува потегот на министерот за здравство Арбен Таравари, кој ги разреши сите управни одбори на ФЗОМ. Со разрешувањето на сите управни одбори од страна на Владата парализирана е работата на Управниот одбор на ФЗОМ, орган надлежен за одлучување во втор степен по жалби за лекување во странство, обвинува актуелниот директор на Фондот за здравство Сашо Стефановски. Тој во писмото до министерот за здравство Арбен Таравари прашува кој ќе ја понесе одговорноста од ваквите одлуки со кои, како што вели, дека директно се загрозува здравјето на граѓаните.
-Колега Таравари, дали знаете, ако е точно тоа што го прочитавме во одредени медиуми, дека со одлука на Влада се разрешени сите членови на Управниот одбор на ФЗОМ? Доколку е тоа точно, тогаш Ве прашуваме, кој ќе ја понесе одговорноста, зошто Вие и Владата ги разрешивте сите членови на Управниот одбор на ФЗОМ, кој е надлежен орган за одлучување во втор степен по жалби за лекување во странство, со што ја парализирате институцијата во носење на одлуки и директно го загрозувате здравјето на осигурениците – се вели во писмото од Сашо Стефановски до Таравари, упатено и до медиумите.
Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски најави дека до вторник ќе бидат избрани нови управни одбори секаде, па така и во Фондот за здравствено осигурување, но не кажа кој вторник. Тој очигледно не е свесен дека човечкиот живот нема цена и кога се работи за лекарски интервенции, тие не можат да чекаат.Чекањето на лекување, често пати се плаќа со живот. За Рашковски непотребно се правело драма околу изборот на УО во ФЗОМ.
-До вторник ќе бидат назначени нови управни одбори, така ќе биде и во Фондот за здравство. Нека не драматизираат, ова е нормална процедура така што за неколку дена нема да се смени ништо – изјави Рашковски, а пациените прашуваат дали навистина е драматизирање неможноста да се одлучува во врска со лекувањето, посебно на пациентите кои се во тешка состојба.
Владата пред околу две недели ги разреши сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија, здравствените и другите државни установи и агенции. Инаку, директорот на ФЗОМ го бира Владата, но изборот се развлече и не се знае кој ќе застане на чело на здравствената каса.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.