Шпанските експерти за судска медицина зедoa примероци од косата, ноктите и од коските на познатиот сликар Салвадор Дали за да се утврди татковство по барање на една Каталонка.
Форензичарите во четвртокот вечерта го отворија неговиот ковчег, а на земањето мостри можеа да присуствуваат само пет лица – судија, тројца истражители и еден асистент.
Генералниот секретар на Фондацијата „Гала“ на Салвадор Дали изјави дека останките мумифицирани пред 27 години се добро зачувани и дека неговите познати мустаќи останале во „својата класична форма 10 и 10“, мислејќи на позицијата на стрелките на часовникот. Анализата на примероците може да трае со недели.
Пилар Авел, родена во 1956 година, тврди дека мајка ѝ имала љубовна врска со Дали и на нејзино барање судот минатиот месец нареди ексхумација на посмртните останки од Дали за да се добијат ДНК-примероци за определување биолошко татковство. Ако се поврди дека Дали е нејзин татко, Авел може да бара една четвртина од неговиот имот, кој сега е во сопственост на јавна фондација.
Претставници на Фондацијата, која управува со имотот на Дали, во вторникот изјавија дека доказите во корист на Абел не биле доволни за ексхумација и ќе ја продолжат правната битка да се откаже тестот за татковство.
Фондацијата и Музејот презедоа чекори за да се спречи слики од ексхумацијата да се појават во јавноста така што не е дозволено да се носат мобилни телефони и ставена е и стаклена купола за да не може да се снима од беспилотни летала.
Шпанскиот уметник е роден во Фигуерас 1904 година, каде што и почина на возраст од 85 години. Погребан е во Театарот и музеј „Дали“ во Фигуерас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.