| четврток, 6 декември 2018 |

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ:Договорот што го спремаат Димитров и Заев е многу штетен за Македонија, затоа се крие од јавноста

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаат квалитетен и добар договор и за Република Бугарија и за Република Македонија. Потребен е договор кој ќе решава проблеми и ќе создаде подобра иднина, а не договор кој ќе создава нови проблеми на нашиот пат кон ЕУ и НАТО.  Нацрт договорот за кој што вчера министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека не бил штетен за Република Македонија предизвика сериозна загриженост кај нас, се вели во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ако договорот е добар, како што тврдат Заев и Димитров, нека го објават веднаш. Граѓаните ќе ги поздрават и ќе им дадат поддршка. Од што се плашат? Дали Заев и Димитров се и самите свесни дека ќе потпишат договор кој што е штетен за државата и граѓаните па затоа тој договор упорно се крие од јавноста?

Доколку овој нацрт договор остане непроменет, како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе сметаме дека зборовите за консензус за стратешки прашања и инклузивност со опозицијата се само обичен театар за замајување на јавноста и потенцираме дека одговорноста за штетните одлуки ќе биде само врз Зоран Заев, Никола Димитров  и СДСМ. Ние нема да даваме алиби на завршени работи за кои со нашиот збор не се менува ништо – сметаат од ВМРО ДПМНЕ.

Според пратеници од ВМРО ДПМНЕ договорот што го спремаат Димитров и Заев ќе биде добар само за Бугарија, а многу штетен за Македонија. Затоа во Бугарија политичарите се фалат со него, а затоа во Македонија тој се крие од јавноста.

-Откако имавме увид во нацрт договорот за добрососедство како пратеници дадовме пет забелешки кои што сметаме дека се од суштинско значење за овој договор.Зоран Заев и нам и на целата јавност ни соопшти дека договорот може да претрпи промени пред потпишувањето, но министерката за надворешни работи на Бугарија соопшти дека договорот е веќе затворен. Прашуваме кој лаже. Зоран Заев во македонското Собрание или госпоѓа Захариева пред бугарската јавност?Сметаме дека македонскиот народ како засебен и конститутитвен народ во Република Македонија мора да биде споменат во овој договор.Околу македонскиот јазик сметаме дека треба да биде споменат како јазик со своја посебност, независно од неговото спомнување во Уставот на Република Македонија-  сметаат од ВМРО ДПМНЕ.

Од оваа партија нагласуваат дека мора да се почитува членот 49 од Уставот на Република Македонија кој што ја предвидува уставна обврска на државата да се грижи за Македонците надвор од држвата.

-Предложивме фразата „заедничка историја“ да биде заменета со нова поширока фраза каде што ќе бидат истакнати и дел од заедничката регионална балканска историја и дел од посебните истории на Македонија и Бугарија и на македонскиот и на бугарскиот народ.Последна и суштинска забелешка која што ја дадовме по однос на овој договор се однесуваше на забележителната асиметрија на правата и обврските на двете договорни страни во договорот, а на штета на Република Македонија.Сакаме да дадеме до знаење дека историјата на Македонија, но уште повеќе нејзината иднина не и припаѓа само на СДСМ, Заев и Димитров, туку на сите граѓани. Затоа договорот треба да се види пред да се потпише. Откако ќе се потпише тој е завршена работа, потоа Собранието на Република Македонија не може да го менува, нема такви уставни надлежности – велат од ВМРО ДПМНЕ.

Дебатите и дискусиите на оваа тема откако ќе биде потпишан овој договор нема да бидат од корист бидејќи Република Македонија веќе ќе мора да го почитува тоа што е потпишано како договор.

-За Република Македонија како држава ќе биде пораз доколку биде потпишан текст каде што не се признава македонскиот народ како засебен и конститутивен народ во Република Македонија.Македонија мора да чекори кон ЕУ и НАТО врз база на европски цивилизациски вредности. Балканските средновековни аспирации се само тегоба за целиот регион. Македонија не смее да биде нивна жртва-заклучуваат пратеници од ВМРО ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top