| четврток, 6 декември 2018 |

Петров: Се додека Македонците за Софија се Бугари, договорот за добрососедство со Бугарија е велепредавство

Во вчерашната емисија ”Од наш агол” на македонската радио телевизија, претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, на прашањето на новинарката што во основа претставува потпишувањето на договор за добрососедство со Република Бугарија, Петров посочи дека потпишувањето на тој договор за добрососедство е рамно на велепредавство кон македонскиот народ.

– Софија се уште се занимава со Македонците и со Македонија. Се додека Македонците за Софија се Бугари, а антимакедонизмот е државна доктрина на Бугарија, тогаш договорот за добрососедство со Софија не е ништо друго освен велепредавство, рече Петров.

– Се додека Македонија за Софија е дел од Бугарија, се додека македонскиот јазик за Софија е дијалект на бугарскиот јазик, договорот за добрососедство со Софија не не ништо друго освен велепредавство. Тој договор и да биде потпишан никогаш нема да го прифатат Македонците, засекогаш ќе биде ништовен, а СДСМ доколку го потпише ќе биде дел од велепредавството кон Македонија и македонскиот народ во целина, анализираше Петров.

– Договорот е базиран како договор за градење на доверба за заеднички интерес помеѓу државите, но се додека Софија сонува Македонија да биде дел од Бугарија, тој договор што Брисел и Софија мислат да и го подметнат на Македонија, може само да ја продлабочи недовербата меѓу Македонците и Бугарите и ќе ја доживее судбината на Сан-стефанскиот мировен договор кој важел само три месеци. Во тој договор Македонија била дел од Бугарија, посочи Петров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top