| четврток, 6 декември 2018 |

Се запали црвениот аларм за Македонија!

Алдо Климан

Македонската парламентарна опозицијата се навлече на брзопотезниот штос на Зоран Заев и направи многу голема грешка прифаќајќи го неговото барање за договорот за добрососедство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија да се разговара на седница на Комисијата за надворешна политика затворена за јавност, кога пред тоа парламентарното мнозинство глатко одби тој договор да го стави на дневен ред на редовна седница на Собранието. Веднаш по тоа одбивање Заев „го замоли” Собранието да се свика затворена седница, крајно перфидно и подлизурски алудирајќи дека всушност претходната власт практично го довела договорот до оваа состојба што сега новата власт треба само да го доврши, т.е. само да го потпише.

Имено, Заев тоа вака го рече: „Вие направивте многу како претходна власт, а ние треба да довршиме”, но познавајќи ги неговите бескрајно подмолни игри и местенки, неговите бесрамни лаги и измами, големо прашање е, во моментот кога најпосле сето тоа ќе се заврши со еден најверојатно сосема неприфатлив и агоничен документ на штета на македонскиот народ (инаку не гледам зошто толку би ликувала бугарската политичка и целата бугарска јавност!), кој ли подоцна ќе биде во состојба да го раздели маслото од водата и лагите од вистината за тоа кој што од нив се согласил, договорил и одлучил – ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.

Впрочем, ако претходната власт, како што вели Заев, сето тоа го довела до таква состојба договорот само да биде потпишан, зошто и не го сторила тоа? А добро знаеме зошто – затоа што останаа низа отворени најбитни прашања од национален и државен интерес: признавањето на македонскиот народ, признавањето на македонскиот јазик, признавањето на македонската култура и признавањето на посебноста на македонската историја.

Вака, прифаќајќи го таинствениот, поточно, тајниот дијалог под жито за едно од највиталните државно-правни прашања во односите со Република Бугарија, а освен тоа и со светлосна брзина истурканите во преден план на македонската надворешна политика одлуки за тој договор, опозицијата си даде мачен автогол во еден од најделикатните политички моменти, а доколку и продолжи така убаво да „соработува” со Заев и со неговата предавничка клика, мрежата ќе и’ биде полна со опасни автоголови. Навистина, претставникот на опозицијата Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека оцениле оти е подобро седницата да биде отворена, но доколку Владата смета дека треба да биде затворена ќе побарале аргументи. И на тоа си остана. Низ медиумите не видовме за какви тоа толку судбоносно важни аргументи за затворена седница странува збор, но видовме, Заев успеа да ја довлечка опозицијата зад својата затворена демократска врата.

И сега, еве, веднаш по одржувањето на таа затворена седница и тајната
презентација на предлог-договорот за соработка со Република Бугарија, опозицијата која учествуваше на неа – а не беше таму само за да седи и да слуша – очигледно прифаќајќи ја на тој начин и непознатата гореспомната „аргументација” на Владата дека седницата треба да биде затворена за јавност, сега, низ изјавата на Антонио Милошоски, се јавува како медијатор, како посредник кон македонската јавност и и’ го интерпретира своето видување, т.е. својата верзија на тој, од аспектот на современата демократија, сосема дубиозен политички настан. Тоа така не се прави!

Воопшто немам причини да не му верувам на секој збор на Милошоски и на сите наведени забелешки на предлог-договорот што од страна на опозицијата, според него, на таа тајна седница се изнесени, но во сето тоа има премногу одвишна, непотребна и несфатлива дипломатска куртоазија и претпазливост, премногу внимателно газење по јајца, иако добро се знае дека ниту опозицијата ниту севкупната македонска јавност немаат никакви механизми парламентарното мнозинство и Владата на Заев да ги уверат да сменат што и да е битно во предложениот текст, освен можеби некоја запирка, колку за да се исполни формата, ниту пак имаат политичка сила да го оневозможат Заев тој (засега на јавноста непознат и со самото тоа дискутабилен) документ за неколку дена да го донесе на својата предавничка Влада, а мнозинството во Собранието да го ратифицира.

Затоа опозицијата мора веднаш да ги осуди ваквите нетранспарентни, без причина затворени седници и итно да излезе од тој хорор филм, од тие заевски сплеткани политички црева, бидејќи со право ќе биде обвинета за соучество во таа и во други нечисти политички зделки, а не пофалена и поддржана за вистински отпор и спротивставување на лудоста на Заев и на неговата блиц-криг распродажба на македонските национални и државни интереси. Ова што си го тера Заев, а што тие овојпат го прифатија, е само наивно давање легитимитет на она што тој со умисла го прави на трагата на оние проѕирни европски и негови, од Могерини, Хан, Жбогар, Тимоние и целата таа компанија преземени фрази за божемна соработка и заедничко договарање и соодлучување со опозицијата. Кој уште верува во тие глупости?! Од друга страна, за да се здобие со поголем кредибилитет кој апсолутно и’ е потребен во јавноста во овие сложени општествено-политички услови, опозицијата треба јасно, енергично и недвосмислено да застане на страната на јавноста и гласноста, т.е. беспоговорно да ја осуди нетранспарентноста на работата на Заев и на неговиот деструктивен политички тим, а не преку соопштенија да се става во позиција на интерпретатор на таинствените настани во кои и самата таа учествува, зашто, без присутноста на јавноста, Заев и неговите типови од власта секогаш можат лесно да ги демантираат: мојот збор против твојот!

Господа, не можеме со Заев да си играме демократија, не можеме од човек фатен corpus delicti во највалкана криминална работа (пак ве
повикувам: погледнете го на интернет филмот „Зоран Заев бара поткуп”, со денешниот ден виден од 208.791 гледачи), за која, верувам, на крајот ќе си го добие заслуженото, од човек што го организира и го изведе државниот удар во македонскиот парламент, од човек што со ширум отворени очи ја прифати големоалбанската Тиранска платформа, од човек што по прашање на името на Република Македонија пред Грција и пред светот безмилосно и бесрамно му ја витка кичмата на македонскиот народ до болка и до најдлабоко понижување – не можеме од еден таков човек да очекуваме наеднаш да стане прекрасна, кооперативна, хумана, парламентарна демократска душичка. Не! Волкот си го менува влакното – но Заев не!

И на крајот, колку да потсетам на вообичаените координирани разурнувачки дејствија од страната на Зоран Заев и на неговите големоалбански коалициски партнери: додека тој опозицијата ја матка и ја врти, а сите нас се обидува да не’ замајува со затворени и тајни состаноци за македонско-бугарскиот договор за соработка, албанските партии во Македонија решително и транспарентно, со тон на нескриена препотентност и предизвик кон народот, ја повикуваат целата јавност да присуствува на отворениот состанок на лидерите на албанските парламентарни партии на кој, среде Собранието на Република Македонија, ќе разговараат за тоа како си се спроведува Тиранската платформа, т.е. како тече расшрафувањето на Република Македонија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top