| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Со ребалансот на буџетот се кратат суштински проекти во интерес на граѓаните

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Владата на СДСМ целата своја неодговорност и неспособност ја покажа и во Предлог ребалансот на буџетот.

– Со ребалансот на буџетот се кратат суштински проекти во интерес на граѓаните, а се зголемуваат ставките кои треба да ги поддржуваат ситно партиските интереси на СДС, рече на денешната прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој притоа посочи неколку нерационални потези кои Владата на СДСМ планира да ги повлече со ребалансот на буџетот.

– Дополнителни 2 милиони денари за Службата за општи и заеднички работи, преку која пред извесно време отпочна постапка за набавка на октоподи, морски плодови и егзотична храна, дополнителни 42 милиони денари за набавка на нова опрема во Владата, дополнителни 20 милиони денари за времени вработувања за 5 месеци во сите министерства, со што веројатно ќе го покриваат партизирањето на институциите од чистачка до министер, како и што и најавија, рече Делев.

Владата, како што истакна, планира дополнителни 66 милиони денари за договорни услуги во Министерството за надворешни работи, како и дополнителни 31 милион денари за финансирање на невладини организации од областа на земјоделието со цел да ја покријат катастрофалната политика која ја водат во овој сектор.

– Антиреформската Владата на СДС ќе ги обезбеди сите овие средства на сметка на кратење на парите на проекти кои се во интерес на граѓаните, рече Делев.

Според него, најмногу средства ќе се кратат од Агенција за млади и спорт и тоа 13 милиони денари од проектите за млади, како и 80 милиони денари и поништување на проектот за ревитализација на амфитеатарот во Скупи.

– Предвидено е укинување на пари за изградба на индустриската зона Визбегово, укинување на проектот целосна жичара до Водно, кратење 30 милиони денари за градба на спортски објекти, кратење на 155 милиони денари за градба на студентски домови, рече Делев и додаде дека намалувања за 15 милиони денари ќе има и за изградба на училишта, 8 милиони денари за реконструкции на училишта и 85 милиони денари за изградба на спортски сали.

Кратење на 28 милиони денари, посочи Делев, ќе има и за изградба и реконструкција на домови за стари лица, три милиони денари за реформи во судството, како и 700 милиони денари за ставката за модернизација на Армијата.

– Ова се само дел од штетните потези кои антиреформската влада на СДС ги планира да ги прави со цел да обезбеди партиски интереси, а со кои директно им штети на граѓаните на Република Македонија, рече Делев.

Според него, ова е ребаланс на буџет кој не носи реформи, туку е со цел да му удоволи плановите на Зоран Заев за целосно партизирање на државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top