| четврток, 6 декември 2018 |

Делев: СДС не прави ребаланс на буџетот заради реформи, туку за целосно да ја партизира државата

Антиреформската влада на СДС целата своја неодговорност и неспособност ја покажа и во предлог ребалансот на буџетот. Со ребалансот на буџетот се кратат суштински проекти во интерес на граѓаните, а се зголемуваат ставките кои треба да ги поддржуваат ситно партиските интереси на СДС, обвини денеска на прес конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој спомена неколку од десетиците нерационални потези кои Владата на СДС планира да ги повлече со ребалансот на буџетот.

– Дополнителни 2 милиони денари за Службата за општи и заеднички работи, преку која пред извесно време отпочна постапка за набавка на октоподи, морски плодови и егзотична храна.

– Дополнителни 42 милиони денари за набавка на нова опрема во владата.

– Дополнителни 20 милиони  денари за времени вработувања за 5 месеци во сите министерства, со што веројатно ќе го покриваат партизирањето на институциите од чистачка до министер, како и што и најавија. Овој процес веќе е отпочнат со вдомување на партиските војници и соросовите платеници кои ќе земаат плата на грбот на граѓаните.

– Дополнителни 66 милиони денари за договорни услуги во министерството за надворешни работи.

– Дополнителни 31 милион денари за финансирање на невладини организации од областа на земјоделието со цел да ја покријат катастрофалната политика која ја водат во овој сектор.

Антиреформската Владата на СДС ќе ги обезбеди сите овие средства на сметка на кратење на парите на проекти кои се во интерес на граѓаните. Имено за да се набавуваат морски плодови, договорни услуги, нова опрема, привремени вработувања и да се финансираат невладини организации  ќе се кратат средства и тоа најмногу:

– Агенција за млади и спорт, кратење на 13 милиони денари од проектите за млади.

– Кратење на 80 милиони денари и поништување на проектот за ревитализација на амфитеатарот во  Скупи.

– Укинување на пари за изградба на индустриската зона Визбегово.

– Укинување на проектот целосна жичара до Водно

– Кратење на 30 милиони денари за градба на спортски објекти.

– Кратење на 155 милиони денари за градба на студентски домови.

– Намалувања за 15 милиони денари за изградба на училишта, кратење на 8 милиони денари за реконструкции на училишта, и кратење на 85 милиони денари за изградба на спортски сали.

– Кратење на 28 милиони денари за изградба и реконструкција на домови за стари лица.

– Кратење на 3 милиони денари  за реформи во судството.

– Кратење на 700 милиони денари за ставката за модернизација на Армијата.

Сето ова се само дел од штетните потези кои антиреформската влада на СДС ги планира да ги прави со цел да обезбеди партиски интереси, а со кои директно да им штети на граѓаните на Република Македонија. Ова е ребаланс на буџет кој не носи реформи, туку е со цел да му удоволи плановите на Зоран Заев за целосно партизирање на државата од чистачка до министер, заврши Делев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top