Познатата македонска дизајнерка Олгица Ѓоргиева по многуте успешни женски колекции создаде концептуална колекција за деца, со модели кои се наменети за одредени пригоди како што се родендени, крштевки, свадби.
Ѓоргиева, која со своите колекции редовно учествува на Модниот викенд во Скопје, позната е по префинетиот стил на изработка на моделите, а секоја нејзина колекција има своја приказна. Годинава таа беше единствената Македонка на настанот „Музика и мода“, што се одржа во Белградската филхармонија. На настанот учествуваа интернационални уметници на класичната музика и мода, а Ѓоргиева ја претстави својата најнова колекција. Весна Мандиќ, организаторка на настанот, носеше креација токму од нашата дизајнерка.
Не е првпат Ѓоргиева да се впушта во нови води во дизајнирањето. Таа ја дизајнираше линијата маици со натписи што имаат мотивирачка порака за секој ден во неделата. Маиците беа во црна и бела боја, минималистички и згодни за комбинирање со различна облека и стилови. Претходно, таа имаше колекција наменета за деловни жени, која ја промовираа успешни жени во својата професија – новинарки, претприемачки.
По многуте успешни женски колекции првпат реши да лансираш колекција за деца. Од што се состои колекцијата?
ЃОРГИЕВА: Ова е мој многу драг проект. Ќе се потрудам и од него да изградам приказна која ќе се прераскажува. Се работи за концептуална приказна која е наменета за одредени пригоди како што се родендени, крштевки, свадби и слично. Сигурна сум дека кај многу мајки ќе предизвикам насмевка на лицето, затоа што кога ќе дојдат важни моменти во нивниот и животот на нивните деца, секогаш сакаат нивното дете да изгледа прекрасно. Од сега па понатаму, кога ќе имаат повод и кога ќе имаат потреба од ваков продукт, ќе знаат каде да се обратат. Моментите го прават животот, а со фотографија тие се меморирани засекогаш…
Кому е наменета односно за која возраст е детската колекција?
ЃОРГИЕВА: Во моментот прототиповите што ги имаме се за возраст од една до 6-7 години, меѓутоа идејата може да се развива и да се проширува.
Дали е само за малите дами или пак има нешто и за момчиња?
ЃОРГИЕВА: Изборот за девојчиња во моментот е поголем, меѓутоа не се исклучени и момчињата. Ова е прва колекција и во иднина секако ќе се проширува. Самиот пазар ќе ги диктира потребите, така и ќе се прилагодуваме.
Дали ти си првиот моден дизајнер во Македонија кој креира и детска колекција?
ЃОРГИЕВА: Сигурно имало дизајнери кои излегле со по некое детско парче, меѓутоа официјално со колекција, не можам да се сетам.
Ова е проширување на модната марка ГО. Какви се твоите идни планови?
ЃОРГИЕВА: Ова е дополнување на мојата работа. Во моментов сум фокусирана на три проекти: детската колекција, приватните нарачки со моите клиенти и мојата веб-страница.
Какви материјали користеше и што беше твоја инспирација за детската колекција?
ЃОРГИЕВА: Од материјали користев памук, вискоза, неколку верзии на сатени, печатени материјали кој се користеа како детали и слично. Инспирација за оваа прва колекција е всушност нејзината суштина и приказна. Како што спомнав, ова е концептуална линија која е наменета за одредени свечености, така што размислував за пригодите на кои би се носеле и притоа се потрудив да ја вметнам детската енергија низ моделите.
Дали планираш посебно презентирање на колекцијата и кој би ги носел моделите?
ЃОРГИЕВА: Во моментот немам некоја официјална информација за ревија. Има некои разговори, меѓутоа не е дефинитивно потврдено. Направивме фотосесија со нашите познати фотографи Ани и Дими, во коњанички клуб. Дечињата не беа професионални модели, меѓутоа прекрасно се пронајдоа во улогата и направивме прекрасна фотосесија. Деновиве ќе следува електронски каталог кој ќе биде многу лесно достапен до поширок круг на луѓе и во него ќе биде целиот концепт на оваа колекција.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дими и Ани
(Текст објавен во 254. број на неделникот „Република“, 14.07.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Олгица Ѓоргиева го затвори 17. издание на Моден викенд Скопје
-
Олгица Ѓоргиева, моден дизајнер: „Мемоарите на една гејша“ е колекција која лесно се прилагодува за секакви настани
-
Македонската креаторка Олгица Ѓоргиева единствена Македонка на настанот „Музика и мода“ во Белград
-
Олгица Ѓоргиева ја допре душата на присутните на Моден викенд Скопје (галерија)