| четврток, 6 декември 2018 |

Олгица Ѓоргиева, моден дизајнер: „Мемоарите на една гејша“ е колекција која лесно се прилагодува за секакви настани

Најдоброто секогаш доаѓа на крај. Македонската модна дизајнерка Олгица Ѓоргиева на први април, во 21 часот во Националната универзитетска библиотека „Климент Охридски“ ќе го затвори 17. издание на Моден викенд Скопје. Новата колекција на Ѓоргиева е инспирирана од книгата „Мемоарите на една гејша“ од Артур Голден и совршено се вклопува во мотото на пролетното издание на најголемиот моден настан во државата „Што ја храни вашата фантазија“ и првпат се одржува во НУБ „Климент Охридски“.

Модата се смета за еден од најголемите визуелни феномени веќе со децении и она што одамна ги помести границите меѓу уметноста, литературата, архитектурата и формите. Резултат на интеракцијата меѓу модата и уметноста е имагинацијата.

Вашата ревија ќе го затвори полетното издание на Моден викенд Скопје. Што содржи новата колеција на ГО?
ЃОРГИЕВА: Повторно го задржувам својот стил на креирање, меѓутоа, за разлика од претходно, најверојатно малку покомерцијални парчиња со поедноставна, почиста линија. Новата колекција е светла, позитивна во која доминира белата боја. Инспирација за оваа колекција е книгата „Мемоарите на една гејша”од Артур Голден. Во колекцијата ќе видите една малку поинаква, модерна гејша, коа на еден поинаков начин ќе асоцира на приказната.

Кому му е наменета? Какви материјали користевте?

ЃОРГИЕВА: Наменета е за сите кои ќе се пронајдат во колекцијата. Станува збор за модерна и ’нослива’ колекција, која може да се практикува секој ден. Лесно се прилагодува за посебни настани, но и за секојдневни прилики. Доминантна е белата боја, а од материјали користев памук, вискоза, жоржети и верзии на сатен.

Вашите дизајни секогаш имаат доза на романтика и покрај иновативниот изглед. Што подготовивте за оваа пролет за девојките и жените кои ги носат вашите креации?
ЃОРГИЕВА: Елеганцијата и женственоста е присутна и во оваа колекција, надополнета со оригинални детали како принтови или облагородени материјали. Се среќаваат мантили, фустани, кошули, пантолони, принтани маички.

Дали со оваа колекција ќе успеете да намамите и други клиенти кои досега не ги купувале вашите креации?
ЃОРГИЕВА: Сигурна сум дека ќе има интерес и од нови клиенти. Како што реков веќе, ова ќе биде минималистичка колекција во која ќе се пронајдат повеќе стилови.Полека мојата мода што ја создавам ја приближувам до покомерцијални парчиња, така што на љубителите на мојата работа ќе им оставам повеќе можности за да ги практикуваат моите парчиња.

Од неодамна имате и линија и за деца. Може ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?
ЃОРГИЕВА: Полека ја разработуваме приказната. Луѓето полека дознаваат за овој нов концепт, кој е наменет за дизајнерска облека за деца, која е специфична на свој начин. Особено ми е драг овој проект и навистина му се радувам. Облеката најмногу е наменета за одредени прилики, каде секој родител сака своето дете да го облече најубаво!

Какво е вашето мислење за најголемиот моден настан кај нас? Често на Моден викенд ги промовите вашите најнови колекции.
ЃОРГИЕВА: Модните недели се одличен пример за готов пакет, каде можете да ја презентирате вашата работа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top