| четврток, 6 декември 2018 |

Шкендија го слави Бесарт Ибраими, со хет-трик го потопи Хелсинки (видео)

Екипата на тетовска Шкендија продолжува со одличните настапи во квалификациите за Лигата на Европа за следната сезона.
Попладнево во Струмица на стадионот „Младост“ одново имаше импресивно издание и со 3-1 славеше победа над екипата на Хелсинки.

Шкендија триумфираше благодарение на хет-трикот на Бесарт Ибраими кој одличната своја партија можеше да ја дополни и со уште два гола доколку гредата од голот на Хелсинки не спречеше радост за македонскиот тим.

Тетовци и покрај тоталната доминација останаа само со само 1-1 по првите 45 минути. Одлично се почна мечот со шансата на Ферхан Хасани во 3. минута. Активната игра продолжи, за да во 13. минута Бесарт Ибраими со одличен шут ја погоди гредата од голот на гостите. Во 17. минута и Стенио Жуниор се најде во одлична позиција но не реализираше, за да во 21. минута гостинскиот голман го одбрани ударот и на Арменд Алими од 16 метри. Проблем за Шкендија се јави од 25. минута кога поради повреда принудно беше заменет Мевљан Мурати, а на негово место во игра влезе Челиковиќ, но сето тоа не остави трага во играта на домашните.

И, откако не беа искористени шанси за „црвено-црните“, следеше казната на спротивната страна. Во 35. минута по нафрлањето од корнер од левата страна, во мешаницата пред голот на Захов најдобро се снајде Осман Јалов кој од непосредна близина погоди за водство од 0-1.

Шкендија се врати во игра пред самата пауза и го израмни резултатот на 1-1 со првиот гол на македонскиот репрезентативец.

Следуваше една поинаква Шкендија во продолжението, па македонскиот вицешампион излезе да се надигрува и ја искористи секоја прилика за гол. Пресвртот го најави Ибраими, кој беше стрелец на вториот гол, по одличната акција започната од Жуниор, Хасани и Радески (2-1).

Комплетирањето на хет-трикот на македонскиот репрезентативец стигна само пет минути подоцна, кога по вторпат ја затресе мрежата на Хелсинки од белата точка (3-1).

Тука не застана иницијативата на македонскиот тим, кој бараше уште поголема предност пред реваншот. Во 71. минута Ибраими одново се закани, но вторпат на денешниот натпревар ја затресе рамката од противничкиот гол.

Завршницата беше проследена со неколку јалови обиди на гостите и контрола од страна на домашните фудбалери. Победата од 3-1 е одлична предност пред реваншот во Финска, кој се игра за една недела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top