| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО ДПМНЕ:Владата на Заев вистински да се посвети на обврските наместо на гол популизам

Македонија и нејзините граѓани ќе бидат вистински добитници кога владата на Зоран Заев ќе ги реализира ветувањата и ќе отпочне преговори за членство во ЕУ во наредните 3 до 6 месеци без притоа да се склучуваат договори на штета на македонскиот народ и држава и без да се задира во идентитетските прашања, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението во врска со учеството на Заев на самитот во Трст.

– Македонија и нејзините граѓани ќе бидат вистински добитници кога СДС ќе ги исполни ветувањата за нови 500 км автопатишта и кога платата на докторите ќе биде 100.000 денари. Граѓаните ќе бидат вистински добитници кога минималната плата ќе стане 16.000 денари, а просечната 30.000, се вели во соопштението.

Самитот во Трст, според ВМРО-ДПМНЕ, испрати позитивни пораки какви што беа испратени уште пред 3 години на Берлинскиот процес кога прв пат се говореше за економска помош од 1 милијарда евра за земјите од регионот.

– Впрочем во таа насока Владата предводена од  ВМРО-ДПМНЕ остави бројни проекти кои треба да се реализираат периодов. Токму Владата на СДС и Зоран Заев им преостанува обврската тие проекти кои се изготвени, а дел од нив и отпочнати, да ги финализираат за граѓаните на Македонија да имаат конкретна корист. За вистински бенефит на Република Македонија и нејзините граѓани, Владата на Заев мора да вложи многу повеќе труд и вистински да се посвети на обврските наместо на гол популизам кој го гледаме досега претставен во бројните блокирања, укинувања и најави за уривање. Без работа и конкретна реализација, овој оптимизам на Заев ќе биде на штета на државата и интересите на граѓаните, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top