| четврток, 6 декември 2018 |

Шишков бил затворен за „ј…м ти то“, а не „ј…м Тито“

НА ДЕНЕШЕН ДЕН - 17 јули 1986 година

На 46 години во Скопје почина Ристо Шишков, истакнат филмски и театарски актер, еден од најголемите на сите времиња. Роден во 1940 г., во селото Мрсна, Серско, Егејска Македонија, во ситуирано трговско семејство. Во 1942 година неговото семејство е протерано од Егејска Македонија, па преку Бугарија доаѓа во Струмица. Ристо завршил основно и средно училиште во Струмица, а имал намера да студира атомска физика, но наеднаш се премислува, па во 1962 година дипломира на Театарската академија во Белград, на отсекот за глума. По двегодишната работа во Југословенскиот драмски театар во Белград, Шишков доаѓа во Скопје и од 1 октомври 1964 година станува член на Драмата на Македонскиот народен театар.
Во 1979 г. е обвинет во навреда на српски и хрватски артисти, исто како и на Тито, и на 15 јануари 1980 заминува во затвор. По боледување умира на 17 јули 1986 година во Скопје.
Играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма, пет телевизиски драми и три телевизиски серии, повеќе радиодрами. Добитник на една театарска награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (1977 година) за улогата во претставата „Крчма под зеленото дрво“. Во негова чест, од 1992 година во Струмица се одржува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.
Во Музејот на македонска борба Шишков е претставен како седи во кафеана и тоа во моментот кога со тупаница ја крши сликата од Тито на маса! Фигурата е веројатно изработена според познатата и никогаш до крај точно непотврдена приказна за Шишков, дека наводно ја скршил сликата од Маршалот. Поради таквите случувања кои се одвивале за време на снимањето на „Време, води“ на Бранко Гапо, Шишков беше осуден. Прво, во 1979 беше обвинет за навреда на српски и хрватски артисти, исто како и на Тито, по што е осуден од Окружниот суд од Битола на 90 дена затвор, по однос на двата прекршока, но по вложената жалба пресудата е скратена на два месеца, казна која Шишков ја одлежува во почетокот на 1980 година. Веројатно од многу поголема казна го спасуваат адвокатите со образложението дека велел „ј***м ти то“, а не „ј***м Тито“.
Другиот дел од приказната вели дека на снимањето во селото Ташмаруништа во Струга на филмот „Време, води„“ по испиена поголема количина алкохол за време на снимањето и по него ги навредувал хрватските и српските колеги со зборовите “Што барате во Македонија да доаѓате за дневници, ајде сите назад”. Шишков бил испровоциран и од коментарот на колегата Звонко Лепетиќ: „Како можат овие Македонци да живеат како Цигани“. На тоа Шишков реагирал бурно и му рекол да не дава такви изјави бидејќи во моментот македонската мајка која ги храни во трошна куќа во Ташмаруништа не го заслужува тоа.
Интересно е што по издржувањето на затворот, Шишков ниту правно ниту политички не трпи никакви импликации од тогашната власт. Потоа две години не игра, за во „Лет во место“ во Кумановски театар да направи улога за награда на фестивалот „Војдан Чернодрински”, која, како што се раскажува, му е одземена со чудна одлука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top