| четврток, 6 декември 2018 |

Педесетина актери ќе се натпреваруваат за единствената награда за актерско остварување „Ристо Шишков“

Со претставата „Човекот кој не знаеше да каже не“ во режија на Мартин Кочоски, вчеравечер почна 24. Фестивал на камерен театар „Ристо Шипков“ во Струмица. Во пет фестивалски дена педесетина актери од 14 претстави ќе се натпреваруваат за единствената награда за актерско остварување „Ристо Шишков“.

– Овој фестивал и покрај сите награди што ги имам, да не зборуваме за надвор, за бившите ју-простори, е еден од моите најдраги и најмили фестивали. Прво, затоа што ја имам честа да сум добитник на наградата, но и за Шишков кој беше мој голем пријател, голем актер со кој играв многу претстави, а се дружевме и приватно. Како член на жири-комисијата мора да кажам дека критериумите се секгаш исти, наградата мора да оди кај најдобриот актер. Годинава имаме навистина извонредни претстави – рече Јоана Поповска, актерка и член на жирито.

И минатогодишниот лауреат Анастас Поп Димитров очекува годинава да има посилна конкуренција.

– Наградата што ја добив лани ми е многу драга. Како претседател на жири-комисијата мислам дека оваа година ќе имаме многу тешка работа, зашто има и голема конкуренција, навистина силни актерски изведби – рече Поп Димитров.

Во текот на фестивалските денови во конкуренција ќе бидат изведени претстави на театри од Македонија, Црна Гора, Хрватска, Албанија, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Србија. Богатата офф-програма ќе биде во знакот на одбележување 30 години од смртта на актерскиот великан и патрон на фестивалот, Ристо Шишков, за што ќе биде промовирано ДВД „Духот на татко ми“ на режисерот Горан Тренчовски, а ќе биде промовирана и книгата поезија „Креативна бурлеска“ на неговата ќерка Јоана Шишкова.

Фестивалот ќе го затвори претставата „Солун – град на духови“ во режија на Слободан Унковски, во продукција на Театарот на Навигаторот Цветко од Скопје.

Најдобриот актер ќе добие златен медалјон со ликот на Шишков, и 1.500 евра парична награда и признание.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top