| четврток, 6 декември 2018 |

Одлучете се за смели црни ѕидови

Tемните бои во внатрешното уредување визуелно го намалуваат просторот. Исто така, црната, за разлика од земјените бои, потешко се комбинира со останатите елементи и нејзиното адаптирање во стилски различни простории може да биде комплицирано.

Сепак, ако не се плашите лесно, тогаш прифатете го предизвикот „Црн ѕид“.

Во зависност од големината на просторот, може да одлучите да го акцентирате најмалиот ѕид од просторијата или смело да затемните поголема површина. Црното ѕидно решение може да биде адекватно за различни типови простории. Предуслов за добар ефект е висок таван и многу природна светлина. За да не го задушите просторот, користите црна боја само ако имате големи прозорци и таван над 2,65 м.

Модерна тинејџерска соба, работна просторија, акцентирање на еден дел од ходник, кујна или трпезарија се само неколку наши предлози, за идеално место на вашиот нов црн ѕид.

Црниот ѕид е одлична позадина и за различни декоративни елементи, уметнички дела, врамени цртежи и мотивирачки цитати, но и одбрани парчиња мебел.

Црниот ѕид може да изгледа интересно и ако е украсен со самолепливи стикери во бела, златна или сребрена боја. Тие може да бидат долгорочен избор или само сезонска декорација.

Тој е одлична идеја за скандинавски уредените простории со многу светлина. Би било добро доколку може да се комбинира со светла боја на под, а исто така многу ќе му прилегаат и парчињата мебел од светло дрво.

Со црни ѕидови користете мебел во силни бои, жолта или зелена. Секако, полн погодок ќе постигнете ако се одлучите за бел мебел. Добар ефект се постигнува со огледала со раскошни рамови во златна или сребрена боја.

Црните ѕидови не мора да бидат елегантни. Земете креда и вклучете ја фантазијата на максимум.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top