| четврток, 6 декември 2018 |

Стојноста на, нас, Македонците

Проф. д-р Јованка Кепеска

Стојноста на нас Македонците е во нашите вредности кои, наизглед, внатрешно и тивко постојат, но како длабоки и тврди, толку пати се покажани. На нив ние опстојуваме, нив мораме да ги браниме и тие нас ќе не одбранат.

Сопствениот идентитет народот сам го создава. Народот е вистинскиот субјект иако мислењето на народот опстојува за да го искаже неговиот идентитетски учинок. Така што свеста, значи науката и уметноста, објаснувајќи го народот, него повратно го идентифицира. Свеста за тоа што сме ние како Македонци не само што го разоткрива нашиот идентитет, туку и го дооформува. Преку спознанието за нас ние се идентифицираме.

Крсте Мисирков, во книгата „За македонските работи“, преку своите антрополошки тези дека јазикот е народот ,кога говори за македонскиот јазик , го објаснува тој сооднос на ваков нашин: „Јазикот е физиолошко-психолошка способност на човекот и како таква зависи од сé што прави да се менува човекот, т. е. со развивање на еден човек и еден народ се развива и неговиот јазик“.

Со оглед на ставовите што, во моментов, по повод на потпишувањето на меѓусоседскиот договор, се наметнуват секој пат одново во Бугарија, за наводната бугарска историја на Македонците, посвојувајќи ги настаните, или правејќи ја македонската нација скорешна, многу индикативни се следниве искажани мислења кај Мисирков според кои можеме да заклучиме дека во бугарските искази нема докази за проблематизирање на идентитетот на Македонецот.

Мисирков, имено, укажува: „Нашето духовно преродување и просветување кај нас, па и изработувањето на нашата писменост, поради географските и историските услови, има земено во првата илјадагодишнина по р(аѓањето) Хр(истово) инаков од, а кај другите православни словени. Кај нас тоа се извршува постепено и незабележено, кај нив брзо и со извесна тенденција“.

Во таа смисла македонскиот литературен јазик е јазикот на св. Кирил и Методиј, Климент и Наум иако и ова прашање е едно од спорните прашања во дискусиите околу потпишувањето на добрососедскиот договор со Бугарите.

И со оглед на актуелните назнаки за тоа дека врз Македонците имаат инклинации во сопствениот идентитет од идентитетите на соседните народи, исто така, многу индикативни се и следните зборови на Мисирков: „Сигурно дека историско-културните услови влијаеле на создавањето на литературните јазици…Тие историско-културни услови влијаеле своевремено да учиме и да пишуваме на туѓите соседни јазици, најмногу на бугарскиот“.

Но во својата книга „За македонските работи“ Крсте Мисирков, во 1903 година, како што на секој Македонец му е познато, завршува со заклучокот: „Сега ние ќе си избереме општ интерен јазик “, предлагајќи ги централните говори како основа за македонскиот литературен јазик.

Јазикот беше тука, ќе рече Круме Кепески, за да ја објасни ситуацијата пред која се нашол пред изработката на првата Македонска граматика. Јазикот кој постоеше, беше нашиот јазик. Всушност народот според себе, како сопствено творештво, го создаде јазикот. Тоа што требаше да се направи е тој граматички да се претстави. Па со Граматиката се дадени  научните основи на македонскиот литературен јазик. Во Граматиката се покажува посебната структура, која што е поставена уште со формирањето на македонскиот народ, а понатаму се развива како сведоштво за македонската самобитност. А со тоа македонскиот јазик се поместува како рамноправен член во јазичното семејство на славјанските јазици.

Македонскиот литературен јазик се создава врз македонското народно творештво, врз различните дијалекти и врз научната изученост на говорите.

Структурата на јазикот покажува дека тој се разликува фонетски, синтаксички, етимолошки и лексички од соседните јазици, и од српскиот и од бугарскиот. Македонскиот јазик си имаспецифични црти во акцентот, двојниот предмет, аналитичките именски форми и специфичните глаголски.

Политиката, како и јавноста, оттаму, нужно мора да ја следи науката во однос на осознаените моменти за битта на македонската нација како не би се подлегнало на различните толкувања кои, од различни причини,  отстојуваат во однос на нашата самосвојност. Како и во договорот за меѓусоседски односи кој се потпишува со Бугарите да не се подлегне на таквите толкувања за да се означи зедничката историја, да се извршат корекции на учебниците по историја и од заедничкото одбележување на историски настани.

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top