Во првата деценија на нашата самостојност доминираа, исклучително, политичките теми. Сé до 2000-та година, кога, во политичкиот ангажман се сврти вниманието кон развојот на економијата кога и се постигнаа и видливи резултати. Трендот со преокупираноста за исклучително политички теми, последниве неколку години, одново се настави.
Меѓутоа, иако, со оглед на анализите во врска со последните политички турбуленции во Македонија, како можни последици поради геополитичките интереси, можно е да се очекува состојба на ослабени институции или на конфликт, одговорноста за нашиот развој, и покрај сé, останува на нас. Следејќи ги тенденциите што се јавуваат во современата епоха, да го определуваме правецот на нашиот развој според нејзините обележја.
Дека во економијата, впрочем, како и во целост во општеството, се ослободува ефективноста на поединецот, што претставува вистинската демократичност на општеството.
Затоа што суштинското обележје на епохата е да се овозможи самосвесното дејствување, како дејствување врз знаење и тоа во сите сегменти на стварноста.
А јасно е дека овозможувањето на потенцијалите, во таа смисла преку активностите на поединците и ослободувањето на нивниот елан, се овозможува среќата на луѓето како и општествениот напредок.
И не се тоа само пусти желби, туку мошне реални и остварливи потреби.
Суштината на функционалната економија, за која е карактеристичен реалниот сооднос кон стварноста при создавањето на добра, ја претпоставува опфатеноста на сите учесници во општествената организација за да можат да ги пресретнуваат и да ги овозможуваат процесите. Пресретнувањето, особено, со закони и со политички решенија е нужно за остварувањето на поефикасна економија и за што поживи општествени текови.
Во изминатиов десетгодишен период во нашата општествена практика се препознаа ваквите процеси и тие вродија со плод. Имено, процесите го вратија еланот на луѓето за да сработат нешто во кое гледаа економски, финансиски, естетски, хуманитарни или научни мотиви.
Политичка гарнитура на ВМРО, на власт во изминатиов период, со системски мерки ја заживуваше економијата, зголемувајќи ја општата ефективност и грижата за другите аспекти на животот. Се овозможија нови инвестиции кои ја променија структурата на економијата. Се зголеми вработеноста, заживеа земјоделието. Се подобри положбата на земјодејците но и на други социјални групи. Се опремуваше здравството и школството. Се создаваше инфраструктура. Се негуваше солидарноста со групите на општеството на кои им е потребна помош. Затоа и критиката, која и не е од скоро време, дека заложбите на ваквите мерки на државата биле „популистички“, е неприфатлива. Критиката произлегуваше со оглед на пристапот, карактеристичен за практиката на административно – бирократскиот систем познат со својата нефункционалност, замирање на економијата и обдржување на состојба водена по инерција и врз премисите на минатото општество. При отсуството на содржински придонес и залагања со свежи социјалдемократски идеи на политичкиот блок од кој следуваше критиката. Така што неоправдливо се јавуваше со цел да се справува со вмровските идеи особено поради односот кон народното и афирмацијата на народното шувство.
Критика произлегуваше и поради дезориентацијата која ја создаде, истовремено, и неолибералистичката ориентација, со девизата да се остави сé да оди само по себе, изоставувајќи соответна правна регулација и активности на политичкиот репрезент за да се надминат негативните последици, така што општеството ја плати високата цена преку застојот на својот развој.
Реална е, исто така, и опасноста во определувањето на правецот во нашиот развој, присутна во епохата но и кај нас, да предоминира приодот на потрошувачкото општество. Пројавен како површност, имитирање (mimesis) и импровизации, особено во слободното време со појавата на крајно негативните општествени појави. Трговијата со дрога, човечко тело и органи и друго.
Актуелните движења во светот, кои, притоа, иако сакајќи да се прикажат како „револуционерни“, не навлегувајќи во општествените развојни потреби, не залагајќи се за севкупна човечка полнотија, преминувајќи и во деструктивност, останаа во границите на потрошувачкиот концепт за општеството.
И затоа, не може да остане само како флоскула дека во процесите на епохата, во кои сме опфатени, сме одговорни за одбраната на вистинските вредности.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.