| четврток, 6 декември 2018 |

Светскиот македонски конгрес и Македонскиот манифест отфрлаат договор со Бугарија на антимакедонски основи и штетен по националните и државните интереси

Светскиот Македонски Конгрес и Македонскиот Манифест, нагласуваат загриженост за историската опстојба на македонската држава и на македонската нација, денеска објавија три Декларации кои се однесуваат на одбрана на државното име Македонија и на идентитетот на македонската нација; потоа Декларација за суверенитетот, унитарноста и државноста; како и Декларација во врска со Договорот за добрососедство со Бугарија и најавата за заедничко македонско-бугарско одбележување на Илинден.

Во Декларацијата во врска со Договорот со Бугарија се изразува загриженост од намерата на Владата на Македонија за склучување на договор за добрососедство со Бугарија со далекусежни импликации по јазикот, културата и историјата на Македонскиот народ и по државноста на Македонија.

СМК и Македонскиот Манифест оценува дека Договорот е против добрососедството, затоа што Софија не ги признава македонскиот народ и македонскиот јазик, не ги признава Македонците во Бугарија и ги суспендира нивните права и слободи; инаугурира “заедничка“ македонско- бугарска историја со негација на македонската историја; ја прокламира Македонија како “втора бугарска држава“; имплицира ревизија на македонската историја во македонските учебници и литература; и утврдува заедничко македонско- бугарско одбележување на значајни датуми, настани и личности од историјата на македонскиот народ како бугарски.

Со самото тоа, тие отфрлаат Договор со Бугарија на антимакедонски основи и штетен по националните и државните интереси на македонскиот народ и на Македонија.

-Предлагаме македонско-бугарско помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, но врз принципот на еднаква сувереност, што подразбира заемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес и немешање во внатрешните работи- наведуваат од Светскиот Македонски Конгрес и Македонскиот Манифест.

Во Декларацијата за одбрана на името, СМК и ММ наведуваат дека „Отфрламе референдум, ратификација на меѓународен договор и промена на Уставот заради промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонската нација“.

-Нов референдум за името на државата не значи одбрана, туку негова трајна промена, а промената на името на државата значи трајна промена на идентитетот на нацијата, затоа што по меѓународното право името на националноста по автоматизам произлегува од името на државата.     Промената на името на државата не претставува демократија, слобода на мисла и нејзино јавно изразување, туку флагрантно кршење на Уставот, Повелбата на Обединетите Нации, Универзалната декларација за човековите права и на меѓународното право, најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз Македонскиот народ и злосторство против човештвото што не застарува- стои во Декларацијата.

Декларацијата за суверенитетот, унитарноста и државноста Светскиот Македонски Конгрес и Македонскиот Манифест, бараат со Закон да бидат утврдени општините во кои покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, во службена употреба е јазикот и писмото на малцинската етничка заедница.

Отфрлајќи ја двојазичност на територијата на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, со Декларацијата се наведува дека се отфрлува и  „таканаречената ‘тиранска платформа’ како геноциден акт којшто претставува грубо мешање на Тирана и Приштина во внатрешните работи на Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top