Раздвиженоста на Милан на трансфер пазарот почна да отвора многу теми во Италија околу тоа дали конечно ќе се гледа една интересна сезона во Серија А, бидејќи изминативе шест години беа навистина еднострани, а помалку и здодевни бидејќи Јувентус лесно измаршира до шест последователни титули во калчолигата.
Добар дел од италијанските експерти конечно најавуваат дека Милан ќе може после подолго време да влезе во шампионската титула и да го предизвика Јувентус, но со таквиот став не се согласува Кристијан Виери кој се уште не гледа сериозен конкурент за клубот од Торино.
– Како ќе стојат работите во Серија А? Ќе останат непроменети, Јуве ќе ја освои титулата, а останатите ќе се борат да бидат што поблиску. Знам дека се уште сме во раната фаза на јули и дека има уште многу време за значајни трансферри, но јас мислам дека никој нема да го достигне актуелниот квалитет на Јуве. Интер има добра стартна позиција поради тоа што располага со многу пари, но треба да доведе правилни засилувања за да има шанси. Милан? Се двоумам за тоа што го направија досега. Андре Силва е одличен напаѓач, многу ми се допаѓа, но мислам дека веќе немаат сила да донесат некое големо засилување. За да бидат на самиот врв, мора да донесат неколку светски играчи. Јасно е дека почнаа добро да ги прават работите, но за шампионски тим се потребни шампиони. Што се однесува до Наполи, мислам дека тие нема да се променат и дека ќе останат конкурентни, но не доволно за титулата. Играат убав фудбал и сигурно ќе бидат при самиот врв. Рома пак, не можам да ја замислам без Тоти. Ова ќе биде прва сезона без Тоти и не знам како ќе започне новата ера. Сепак мислам дека ќе ги гледаме при врвот, – истакнал Виери за „Кориере дело Спорт – интервју во кое јасно ги нагласи фаворитите за топ 5 пласманот во Серија А.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.