Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна го објави романот на Владимир Плавевски „Земјотрес, 5:17“, кој е тематски врзан за потресната катаклизма на Скопје на 26 јули 1963 година.
Плавевски гради динамична и драматична приказна, сугестивно и сликовито ги опишува катастрофата, ужасот, траорот, животните премрежиња и страдањата на скопјани во земјотресот. Фикцијата на приказната се потпира врз многу веродостојни факти и документи, но и фактот што авторот е роден скопјанец и директен сведок на многу од опишаните настани сега преточени во уметничка проза – ја прават уште поуверлива приказната за Скопје во деновите пред и по земјотресот.
Романот е посветен на трагични теми од историјата на градот, но во сите тие мачни, мрачни и тегобни сцени, слики и епизоди, најдолго се провлекува една љубовна приказна. Токму таа приказна е нишката која ги поврзува сите епизоди на ова дело.
Приказната тече во три паралелни дискурси – двата ги водат главните јунаци на љубовната приказна, а третиот дискурс, се појавува подоцна, го води спореден јунак, но мошне клучен за некои расплети. Ваквиот пристап само уште повеќе ѝ дава динамика на приказната, а на романот му дава уште покомплексна структура,
Владимир Плавевски (1948) е романсиер, раскажувач, драмски писател, фотограф, сценарист и режисер.
Ги објавил книгите со раскази: „Играч на фанта“ (1999), „Амкање“, (2001), „Ловец на самовили“ (2004), „Поплава“ (2006), „Вистински приказни“ (2011); романите: „Цена од Ново Маало (2009)“, „Последниот сплавар на Вардар“ (2010, второ издание со наслов „Сплаварот“), „Јадица“ (2013 – награда Роман на годината, две изданија), „Комита“ (2015), како и книгите: „Градител на боговите“ (1997, псевдоантичка трагедија), „Папарацо – феномен на денешнината“ (1997) и „Фотографија“ (1998).
Негови романи се преведени на полски и бугарски јазик.
Добитник е на повеќе награди на конкурси за расказ.
Автор е на драмски дела за театар, сценарија за телевизиски филмови, играни серии, радиодрами…
Според негови сценарија Македонската радио-телевизија снимила повеќе од 40 епизоди од играните серии „Еурека“, „Прекалени“, „Светски бајки“, „Македонски бајки“ и „Златни басни“. Сценарист е и на ТВ-филмовите: „Состојба пред инфаркт“ (1987), „Бог да ги убие шпионите“ (1993), „Вампирџија“ (2002), „Бои во времето“ (2005), „Нави“ (2007) и на „Мултиплеј“ (2008), снимен во негова режија.
Македонското радио снимило девет радиодрами според негови сценарија.
Автор е на драмски текстови за театарски престави: „Пипа ритам“ (1986), „Балерината“ (1994), „Кралот Хамлет“ (1995) и „Каста Дива“ (1997), „Трагачи по виножитото“ (1988), „Министерот и јас“ (2002 год.), „Раскол“ (1998), „Операција Лир“ (2002).
Бил предавач по предметот „Фотографија“ на ФДУ во Скопје. Одржал 23 самостојни изложби на уметничка фотографија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева во Библиотеката „Браќа Миладиновци“
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
„Антолог“ ја објави книгата „Лисица“ од Дубравка Угрешиќ