Роџер Федерер по 15-ти пат во својата играчка кариера си обезбеди престој во втората недела на Вимблдон откако со 3-0 во сетови го совлада секогаш незгодниот Миша Зверев, а додека новинарите го прашуваа Швајцарецот кој се неговите очекувања од осминафиналниот дуел со Григор Димитров, светскиот рекет број пет одлучи да говори за нешто друго, односно за својата најголема поддршка во тенисот.
Федерер издвои неколку минути од пресот за својата сопруга Мирка, за која вели дека она го има клучот кога е во прашање времетраењето на неговата играчка кариера која едноставно ниту еден тениски фан не посакува да згасне.
– Ако се случи едно нешто, веднаш ќе ставам крај на кариерата. Ако Мирка ми каже дека повеќе не сака да патува, тоа ќе биде крај. Без неа, нема да можам да го правам ова. Ќе бидам искрен и ќе кажам дека работата е толку едноставна. Таа го има клучот за многу работи, но позитивно за сите е тоа што таа е среќна што го прави ова. Прекрасно си поминуваме на турнирите и минуваме одлично време со сите четири деца. Таа е мојата најголема поддршка, таа е најдобрата. Среќен сум што дозволува заедно да ги бркаме соништата, таа е впуштена во ова исто колку што сум и јас – потенцирал Федерер на прес-конференцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.