Кошаркарската репрезентација на Македонија ги продолжува тренинзите во Маврово, како прва фаза од подготовките за претквалификациите за СП 2019. Селекторот Јорданчо Давитков е презадоволен од текот на подготовките, но кормиларот на националниот тим исто така е свесен дека најтешките предизвици допрва следат.
– Морам да бидам задоволен од напорите и залагањето на кошаркарите, кои даваат се од себе за да се најдат на завршниот список и да играат во претквалификациите. Досегашниот тек од подготовките одат според планот, но останува да почнеме со натпревари, да видиме до каде сме и да ги отстрануваме грешките во играта што ќе ги воочиме. Атмосферата во националниот тим е максимално позитивна, сите се подготвени за предизвикот. Присуството на Чековски ни дава поголема сигурност во битката под обрачите, а со Теодор ја комплетиравме и надворешната линија – истакнува селекторот Јорданчо Давитков.
Тој од вчера го има на располагање и Џордан Теодор, американскиот бек кој би требало да ја преземе улогата на лидер каква што своевремено имаше и Лестер Бо Мекејлеб.
– Тој дојде и синоќа го имаше првиот тренинг. Јасно е дека донесовме играч со одлично реноме и не се сомневам дека ќе ни биде од корист. Очигледно е дека тој одмарал по пренапорната сезона и не е доволно подготвен, но очекувам за околу 15 до 20 дена да биде во топ-форма. Желбата и кај него е на високо ниво, ќе работи напорно во следниот период, но не сакам да ризикувам додека не е максимално подготвен, па затоа тој ќе има минимална минутажа на претстојните средби во Словачка – открива Давитков.
По подготовките во Маврово, сениорите ќе се вратат накратко в Скопје, а потоа ќе заминат за Словачка против која ќе одиграат пријателски двомеч. На 15. јули ни гостува селекцијата на Бугарија, а неколку дена подоцна (20. до 22. јули) ќе се одржи турнирот „Трофеј Македонија“. Потоа следи гостување во Бугарија како последен пријателски натпревар пред натпреварите од претквалификациите за СП 2019.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.