| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските, бугарските и романските превозници со заедничка декларација против турската царина

kamioni

Превозниците од Македонија, Бугарија и од Романија изготвуваат заедничка декларација и заеднички дејства за заштита на интересите при преминување на бугарско-турската граница. Како што пренесува бугарски „Фокус“, ова било одлучено на тристраната средба во Велинград на бугарските, романските и македонските транспортни организации. Средбата била во организација на бугарската асоцијација на транспортери АЕБТРИ, а претставник од Македонија била асоцијацијата АМЕРИТ и романската УНТРР.
Станува збор за проблем стар неколку месеци за кој Бугарија ја обвинува Турција дека неправилно ги толкува меѓународните правила и конвенции и дека превозниците на турските граници непотребно се задржуваат, се малтретираат и им се наметнуваат непостоечки давачки.
Кочо Русев, претседател на еден од бугарските транспортни синдикати, вели дека нивните превозници засега ќе се воздржат од блокади и ќе ги почекаат резултатите од меѓудржавните преговори меѓу Бугарија и Турција. Русев, сепак, тврди дека станува збор за смислен чекор на турската држава за фаворизирање на нивните превозници.
Македонскиот претставник Драган Ивановски предложил декларацијата којашто треба да се усвои да им се понуди и на српските транспортери и заеднички да се однесе пред Меѓународниот транспортен форум.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top