| четврток, 6 декември 2018 |

Кој ги активира „дивите меса“ во СДС и во ДУИ?!

Кој има цел да направи турбуленции во партиите кои се на власт? Кој кому му испраќа порака? Смее ли пратеник да направи нешто без консултација со оние кои го ставиле на таа листа за да седне во собраниската сала, освен, секако, тоа не е направено во консултација на некој од надвор?

Во политиката нема ништо случајно! А за постигнување на целите се користат сите расположливи средства. Тоа се докажа и со покренувањето на дебатата за истополовите бракови. Двете диви меса во двете политички партии кои се дел од владината коалиција излегуваат со ставови кои го нарушуваат угледот на партиите кои ги претставуваат. Згора на сѐ, едниот од нив е дури и потпретседател на партија.

Најстариот пратеник во Собранието, единствениот Македонец од редовите на ДУИ, кој се декларира како православен Албанец, Бранко Манојловски, порача дека хомосексуалците треба да имаат право на брак.

Многу прекрасни луѓе. Треба да им се дадат сите права на хомосексуалците во оваа република. Сите, дури и правото на брак. Ќе речете, зошто тоа? Еве зошто. Тие заедно работеле и направиле една куќа и едниот потоа умрел. И сега, тој не може да ја наследи куќата, затоа што бил хомосексуалец, изјави Манојловски.

Врати дивото месо кај социјалдемократите. Потпретседателот на партијата и пратеник во Собранието, Мухамед Зекири, си даде за право да искаже свој став, повикувајќи се на религиозни побуди, притоа повикувајќи и на насилство.

„Јас сум теолог и сум против геј-бракови и против хомосексуалноста, тоа е мој личен став. Да биде проклет оној што го прави тоа што го прават луѓето на Лот. Да биде проклет тој што ќе убие некој во нечие име, освен во име на Бог. Да биде проколнат тој што имал односи со животни. Да биде проклет тој што е непослушен на своите родители. Да биде проколнат тој што ќе ја омажи неговата жена или ќерка“, смета социјалдемократот Зекири.

Реферирањето на пророштвото на Лот традиционално се користи за да го демонстрира неодобрувањето на исламот за силувањето и хомосексуалноста.

Зекири и Манојловски спротивно на партиските идеологии

„Клетвите“ против ЛГБТИ-заедницата што ги упати левата рака на Зоран Заев во партијата ја отворија Пандорината кутија и создадоа хаос во до вчера „големата љубов и разбирање“ меѓу социјалдемократите и хомосексуалната заедница во Македонија. Иако социјалдемократијата во Европа и во светот се залага за унапредување на состојбата со човековите права, особено на маргинализираните заедници меѓу кои е и ЛГБТИ-заедницата, потпретседателот на социјалдемократите излезе со еден поинаков став – дека хомосексуалноста е за секаква осуда. За тоа како овие ставови се вклопуваат во социјалдемократските вредности кои тој како потпретседател на СДСМ треба да ги споделува, Зекири вели дека секогаш имало исклучоци од таквата пракса.

Зекири вели дека е ставот личен, и во голем дел е така. Тоа што заборава е дека неговиот личен став има политичка конотација, како човек кој високо котира во владејачката партија која се декларира за реформска и прогресивна. Неговиот наводно личен став, кој во суштина е политички став, е токму тоа, политички став формиран и моделиран од религиски став и поглед на нештата… Сега, мојот став е нешто поинаков, кон она што го гледам како срамен несензибилитет пред мошне конкретниот проблем каков што се правата на хомосексуалците, и дали воопшто за нив во иднина треба да одлучуваат луѓе чии политички ставови се базираат на религиски догми и верувања – коментира Ивор Мицковски, кој иако беше дел од Социјалдемократскиот сојуз во земјава, се повлече поради низа несогласувања околу функционирањето и раководството на партијата.

Со која цел се прави ова? ДУИ се оградува од ставот на својот пратеник. Како тоа се оградува?! Што е со координацијата во партијата?! Кој му дал налог за ова?! Зарем Манојловски се осмелил сам да даде ваква изјава?! И социјалдемократите со став дека Зекири искажува личен став, а не партиски – човек кој е потпретседател на партија и човек кој е пратеник во Собранието. Двете диви меса во партиите предизвикаа внатрепартиски турбуленции. Се појавија и луѓе кои се обидоа да најдат оправдување за Зекири. Веројатно да ја оправдаат онаа скриената политичка цел за која и зборуваме. Новинари блиски до социјалдемократите го оправдуваат правото на јавен став. Но, се чини дека медиумскиот клан на Заев не успеа да го испере Зекири. Старите социјалдемократи бараат разрешување на Зекири и исклучување од партијата.

„СДСМ не го делел ставот на Мухамед Зекири за хомосексуалноста, па уште елабориран со поткрепa од религиозни книги, од Куранот? Збориме за оној Зекири, кој, онака најслучајно, стана тазе и инстант потпретседател и пратеник на партијата СДСМ? По ваквата реакција од партијата човек да се запраша дали СДСМ ги дели „сам со себе,“ не пак да ги брани од противниците и отворените непријатели, своите политички вредности, својата идеологија, својот статут и програмски документи, значи, се она што ја прави смисловна и функционална нејзината партиско-политичка егзистенција, зачленувањето во неа, симпатизерството кон неа, гласањето за неа?, запраша поранешната пратеничка од СДСМ, професорката од Правниот факултет Каролина Ристова – Астеруд.

Таа смета дека тој треба да биде исклучен од партијата:

„Ако има некаква доблест, наместо сега да „плаче“ дека има/ло бурни реакции на осуда и неодобрување за неговите ставови, по истата таа слобода на говор, наместо да се прави „глупи август“ во однос на реакциите (па кај мисли дека се наоѓа, на Блиски Исток или среде Европа?), треба да си поднесе ОСТАВКА, и од пратеничката функција, и од партиската функција, како и од партиското членство во СДСМ! Ако не е толку доблестен, а не верувам дека е (оти, тогаш, ради своите убедувања, и не би се пикнал во партија како СДСМ, туку, на пример, во Беса и слични политички сили, со кои, патем, допрва ќе имаме смртно сериозни проблеми), тогаш СДСМ треба да го РАЗРЕШИ И ИСКЛУЧИ, ама ПРОНТО!“.

И Мицковски негодува околу обидот на социјалдемократите да се оградат од својот потпретседател.

„Вау вау, најјаката теза што излезе досега гласи: СДСМ е демократска партија, Зекири има слободен став. Ниту е првото, ниту е второто, contradictio in adiecto, зашто не можеш да користиш демократска група за да оправдаш висок недемократски член, ниту пак висок недемократски член дека придонесува за демократски колективитет. Притоа мајндфакот е дупли, оти ни групата, ни персоната не се демократски ориентирани“, коментира тој.

Заедничкиот именител „ора“ низ партиите

Кој има цел да направи турбуленции во партиите кои се на власт? Кој кому му испраќа порака? Смее ли пратеник да направи нешто без консултација со оние кои го ставиле на таа листа за да седне во собраниската сала, освен, секако, тоа не е направено во консултација на некој од надвор? Особено, пак, кога станува збор за нешто што е спротивно на партиската идеологија. Тие имаат еден заеднички именител – странците.

Членовите на ДУИ не се либерални за да можат да прифатат таков предлог од нивната партија, тоа е контра нивното членството. Поради тоа и ДУИ се оградува од изјавата на Манојловски. Од другата страна, ставот на Мухамед Зекири е контра идеологијата на социјалдемократијата.

Дали инсајдерите во Социјалдемократскиот сојуз и во ДУИ, Зекири и Манојловски, го нарушуваат кредибилитетот на партијата кога на некого од надвор тоа му е потребно – едноставно, кога им треба да се дестабилизираат партиите ги активираат инсајдерите.

Софија Теодор, јавна личност припадник на заедницата на удар од Зекири, со кого е и сопартиец, јавно повика дека ако не може Заев, американската амбасада да ги координира членовите во партијата. Таа побара од САД, Холандија и Норвешка да гледаат на кого ги делат парите во Македонија, кога станува збор за грантовите на амбасадите за ЛГБТИ-здруженијата во Македонија.

Од друга страна, се направи таква фама во јавноста, што вниманието на јавноста се сврте кон темата хомосексуални бракови. Главните проблеми се ставија под тепих. Некако дојде премногу удар – договорот со Бугарија, одговорот од Грција, педофилијата, проблемите во енергетиката, „средната класа“ на лидерот на социјалдемократите, Зоран Заев, која тежи милиони, кои се покажаа со објавувањето на имотните листови, најавата за заминувањето на Заев во Шпанија по само еден месец од седнувањето во фотелјата.

„Со педофилија се покрива дипломатски скандали. Со геј-бракови скандалите во секторот енергетика. Како се тргна со гафови, нема секс да остане без „дебата“ во јавноста“, стои во еден коментар на социјалните мрежи.

Пишува: Билјана Бабиќ
(Текст објавен во 253. број на неделникот „Република“, 7.7.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top