| четврток, 6 декември 2018 |

ПССЕ од Стразбур препорача:Реформите да бидат прифатени со консензус

Комисијата за следење на обврските на земјите-членки на Советот на Европа, при Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), на последната летна сесија во Стразбур го разгледа усниот извештај на известувачите за пост-мониторинг дијалготот со Република Македонија, по нивната неодамнешна посета на земјата, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Состаноците на оваа комисија, позната како мониторинг комисија, се одржаа зад затворени врати, но Валериу Гилетски еден од известувачите на мониторинг комисијата и вице-претседател на ПССЕ кој беше во делегацијата која ја посети Македонија ја потврди оваа информација.

– Ние имавме усен извештај, на есен ќе имаме друга посета да видиме што е направено, а идната година ќе поднесеме пишан извештај за Паралементарното собрание, вели тој.

По посетата на Македонија, делегацијата на ПССЕ се врати со уверување дека ќе бидат направени конкретни реформи.

– Кога се сретнавме со лидерите на опозицијата и на мнозинството, добивме уверувања дека ќе се направат реформи. Дека нештата ќе бидат коректни. Но видовме и нешта кои предизвикуваат загриженост, бидејќи иницијативата да се сменат сите судии и другите радикални мерки, кон нив треба да се пристапи внимателно. За таква радикална реформа е потребно да се добие поддршка од сите политички сили, вели известувачот.

Тој притоа и дава и совет до новата македонска влада.

– Би сакал да Г-динот Заев, кој сега е на чело на Владата, кога беше во опозицијата цело време го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ за политизација на институциите. За да не се случи таа политизација, сега со новата влада, институциите треба да дејствуваат независно како што е предвидено со законите. На крајот јас и посакувам успех на новата влада во реализацијата на реформите, но да не се направат грешките од минатото, додава Гилетски.

Околу барањата да се врати мониторинг процесот за Македонија, поради долгата криза за која во моментов се води пост-мониторинг дијалог, известувачот вели:

– На времето имаше гласови кои бараа да се врати Македонија под миниторинг, јас тогаш реков дека треба да и се даде шанса на новата влада да се видат резултати, а потоа да се даде оценка. Затоа се надевам дека до есен кога ќе дојдеме повторно, ќе има резултати кои ќе ги забележиме.

Се очекува во септемви да биде поднесена првата верзија на нацрт-извештајот за пост-мониторинг дијалогот на ПССЕ со Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top