Битка на два света, на сосема различни стилови на игра, во кој има и елеганција и сила, агресивност, моќни удари, ќе презентираат денеска двајцата големи тенисери Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. Мегданот е закажан на легендарниот комплекс Ролан Гарос, крај Булоњската шума во Париз, на централниот терен „Филип Шатрие“.
Влогот е голем и веројатно ќе значи титула на престижниот гранслем што се игра на земјена подлога, а фазата е полуфинале. Почнува во 13 часот, а битката на титаните, како што ја нарекоа медиумите, се врти околу бројот 8.
За Надал влогот е влез во финалето и атак на осмата титула на Отвореното првенство на Франција во тенис, нешто што го нема ниту еден тенисер во историјата на играта. Агресивноста, силата, веројатно и брзината се негови адути во 35. пресметка со Ѓоковиќ. Шпанецот има предност од 19-15 во победи, но Ѓоковиќ опасно се заканува со 11 успеси на последните 16 дуели. Надал на неверојатно моќен начин се врати по повредата на колената и повторно гази, особено на терени со најбавна површина за игра. Тој е „крал“ на земјените подлоги, на Ролан Гарос го знае секој агол и е апсолутно доминантен тенисер со 7 титули.
Ѓоковиќ има поинаков стил на игра, силен адут му е координацијата, се движи неверојатно лесно, а прецизноста на ударите е неверојатна. Му ја прекина серијата од 7 едноподруго титули на Надал во Монте Карло, и на Ролан Гарос посакува сличен исход, а триумф би бил значаен влог за влез меѓу одбраните, во кремот на тениските асови. Со титула од Париз, Ѓоковиќ би бил само осмиот тенисер што ги има во колекцијата, пехарите од сите 4 гранслем-турнири.
Веднаш по нив во второто полуфинале ќе играат Цонга и Ферер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.