| четврток, 6 декември 2018 |

Романот на Томи Виринга, добитник на наградата „Либрис“ објавен на македонски јазик

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Ова се имињата“ од холандскиот писател Томи Виринга. Романот е добитник на наградата „Либрис“ за 2014 година. Преводот на македонски е на Ели Пујовска.

Гранично гратче во степата. Мала група прегладнети и бесни бегалци се појавуваат од нигде-никаде и шират страв и паника во градот. Кога полицискиот инспектор Понтус Бег наредува да се уапсат, во нивните куфери наоѓаат доказ за убиство. Како што тој ја разоткрива историјата на нивното пеколно патување така таа почнува да се испреплетува со неговото потекло. Тој станува некој вид инквизитор, а подоцна и спасител на групата.

Романот возбудливо шета низ жанровите, од урбана комедија до мрачен трилер, некогаш допирајќи дури и до загадочната територија на митот. Миграцијата како тема е истовремено актуелна и безвременска. „Виринга ни прикажува слики на ’животни што патуваат во стада‘, на номади, безделници, атостопери, скитници и повремени посетители, кои се движат по непознати патеки; за луѓе што се ’разнесени тука и таму‘. На некој начин оформени и исплашени од патувањето, тие ги губат нештата што ги поседуваат, минатото, идентитетот, а често и сопствените животи“, пишува „Гардијан“ за книгата.

Со редок спој на хумор и мудрост, Томи Виринга ја поврзува мрачната човекова природа со прашањето кои сме и дали искупувањето е возможно. Според критиката, оваа книга е „неочекувано вџашувачка, возбудлива приказна испишана преку потрагата по идентитет во XXI век“.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и Министерството за култура на РМ.

Томи Виринга (роден 1967) е холандски писател. Голем дел од животот го поминал на Антилите. Студирал историја и новинарство. Во младоста работел како продавач во маркет и службеник во железницата. Пишувал колумни, бил член на бенд, автор на филмски сценарија, ТВ-водител. Автор е на наградувани и преведувани книги.

Ели Пујовска (1971) е професионална преведувачка. Добитничка е на наградата „Златно перо“ за најдобар превод на годината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top